Буџинкан Доџо

Организацијата Буџинкан Доџо (Bujinkan Dojo) е основана од страна на големиот учител Масааки Хатсуми во чест на неговиот учител Тошитсугу Такаматсу.   Станува збор за интернационална организација со седиште во градот Нода ши, во провинцијата Чиба кен, во Јапонија. Буџинкан Доџо во превод значи „Двор на божествениот воин“ односно „Место каде што вежба божествениот воин“.
Денес, во Буџинкан се изучуваат девет традиционални боречки школи. Шест од нив се стари самурајски, кои, исто така, биле користени и усовршувани од страна на легендарните нинџа воини, додека три се чисто нинџутсу школи. Сите девет стилови биле развивани во текот на неколку столетија од страна на неколку генерации, кои секојдневно морале да се борат за сопствениот, но и за животот на своите најблиски. Пренесувани од колено на колено, од татко на син, од учител на ученик, сите девет школи ги наследил Масааки Хатсуми сенсеи, благодарение на својот учител Такаматсу.

Со основањето на организацијата Буџинкан Доџо, соке (поглавар) Хатсуми ги обединил сите девет школи во една вештина, нарекувајќи ја Буџинкан Рју (школа, традиција) односно Буџинкан Будо Таиџутсу.
Сенсеи Хатсуми е наследник на деветте школи:

– Тогакуре рју Нинџутсу-34 Соке
– Гјокко рју Кошиџутсу-28 Соке
– Кото рју Копоџутсу-18 Соке
– Кукишинден рју Хаппо Бикенџутсу-28 Соке
– Шинденфудо рју Дакентаиџутсу-26 Соке
– Такагијошин рју Џутаиџутсу-17 Соке
– Гикан рју Копоџутсу-15 Соке
– Гјокушин рју Нинџутсу-21 Соке
– Кумогакуре рју Нинџутсу-14 Соке

Иако сите девет школи се изучуваат како една обединета вештина, секоја од нив има своја историја и традиција, свои карактеристики, свои техники и тактики, свои тајни оружја, така што школите односно вештините можат да се изучуваат и одделно.