Без наслов, но со повод (како емисијата на МТВ чинам)

Вчера на нашата веб-страница ја објавив Програмата и темата за 2010 година.
Можам да кажам дека за нас, нашата тема е многу поважна од таа на Буџинкан Доџо. Зошто?

Нашата тема е опиплива и реална. Нешто за што сме обучени и спремни. Од друга страна, темата на Буџинкан Доџо е интимна и виртуелна. Таа постои само во светот на соке Хатсуми и се базира на неговите лични чуства и сознанија. А за да можеш да доживееш лични чуства, потребно е многу време да поминеш со некого. Време за кое ќе научиш како тој диши, како мисли и како сонува. Последниве две години соке задава теми кои само тој може да ги разбере. Затоа што се тоа лични чуства кои можеби ние никогаш нема да ги сфатиме. Од друга страна Кото Рју е вистински. Елегантен, но снажен. Толку вистински што и те како се чуствува на кожата, мускулите и коските. Удира до коска.

Сабајлево добив е-маил од Зоки Старото. Вели дека е среќен поради нашата тема. И јас сум среќен мој Зоки. Чудно е колку нинџутсу ме прави среќен, иако татко ми со години на смеа ми вели дека ништо материјално не добивам од тоа. Но затоа добро се познавам себеси. Знам што можам и до каде можам. Духовно сум силен, а телесно цврст. Умот ми е бистар, а сетилата отворени. Духот оштар како меч.
Со почетокот на 2010 ќе почне претставата. Ќе биде смешно кога ќе видам како сите мајсторишта во Буџинкан веднаш ќе почнат да одржуваат семинари за Роккон Шоџо. Пред неколку дена темата е објавена, а веќе сите ја научиле. Така беше и минатата година кога сите предаваа Саино Кон Ки. Како ли научија само после неколку дена. Веднаш влегоа во мозокот на соке и ги извадија информациите од неговиот фајл. Каква вештина.

Поздрав пријатели. Се гледаме вечер на полагање.
Нинпо засекогаш.