Рамнотежа / баланс (tsuriai)

„Сенсеи, мислам дека во иднина е подобро да пишуваш на блогот текстови, размислувања или настани. Клиповите се интересни, ама не се толку едукативни“.

Вчера го добив овој маил од еден од нашите ученици. Мислам дека меѓу редови сакаше да каже: „ако е за гледање клипови, можам и сам да си ги најдам на ју туб„.
Како што кажав, Вие учите од мене, а јас учам од Вас. Ја прифаќам забелешката, секако. Благодарам.

Еве, денес ќе зборуваме за тсуриаи односно рамнотежа. Но не за тсуриаи потребна за време на таисабаки, туку за рамнотежа во односот со луѓето од нашата околина.

Замислите си дека сте инструктор во еден клуб за боречки вештини каде што има 40 ученици. Во клубот владеат прекрасни меѓучовечки односи. Како инструктор, на вас лежи огромна одговорност за да го постигнете тоа. Сите тие 40 членови имаат свои карактери. Сите имаат убави и лоши денови. Сите имаат свои проблеми, маки, секирации. Ви веруваат и ви се доверуваат често. Некогаш (иако многу ретко) ќе исплива и ќе се појави и некој меѓусебен проблем. А вие, како одговорен, бидејќи сакате вашиот клуб да биде синоним за здрава средина и среќни луѓе, треба да излезете во пресрет, да разговарате со сите (страни) и да донесете исправна одлука со која ќе се врати спокојството во клубот. Зборувате со еден, тој го кажува проблемот, па зборувате со друг, и тој го прави истото. При тоа, треба да внимавате на балансот. Тоа е многу тенка линија. Некогаш може и да згрешите. Можеби некој и ќе се налути. Ќе донесе брз и погрешен заклучок. Но и тоа некогаш мора да се случи кога се во прашање толку луѓе. Вие сте еден, тие се 40-тмина. И потоа се од почеток.

Се додека има можност за балансирање, постои надеж дека се ќе се среди како што треба. Кога таа можност ќе биде исцрпена, тогаш е време за одлучна акција. Но тоа никогаш не е приоритет.

Запомнете Ве молам: „Секогаш има црвена линија која што ако се пречекори ќе донесе последици. Поставете ја таа линија малку порано и понапред и држете безбедно растојание (мааи) зад неа.

Вашите успеси ги доживувам како свои. Вашите порази ме болат како да се мои.