Победа

Вчера Тина ме праша: сенсеи, зошто секогаш кога се тепаме како луди на тренинг почнуваме да се смееме?

Смеењето е израз на победа. Победа над самите себе. Победа над болката.

Кога ни е убаво се смееме. За време односно по љубовниот чин (оргазмот- сексуалниот однос), се смееме. Кога ја јадеме нашата омилена храна се смееме. Кога ќе ни соопштат дека сме здрави се смееме. Кога сме во добро друштво и се чуствуваме убаво се смееме. Кога сме на нашето омилено место се смееме. Смеењето е секогаш поврзано со убави нешта, со нешта што не прават среќни.

Ако се смеете за време на тренингот, тогаш Вие сте среќни. При сите горенаведени активности во мозокот се случува хемиска реакција при која во телото се испуштаат одредени хормони кои го уништуваат стресот, го намалуваат крвниот притисок и го зголемуваат имунитетот.

Со тек на време станувате зависни од вежбањето, токму поради тие хормони. Но за разлика од зависноста со дрога, алкохол, храна или никотин, кои го разградуваат (убиваат) нашето тело, зависноста од вежбање Ве прави поздрави и помлади. Секако, како што зависниците ги фаќа криза, така после неколку години вежбање, доколку престанете, и Вас може да ве фати криза. Но таа криза се лечи со повторно вежбање кое можете секаде и во секое време да го направите.

Додека се лупате на тренинг, Вие ја победувате болката со смеење. Смеењето Ви станува одбранбен инстинкт. При тоа среќата расте. Модриците брзо поминуваат. Се додека надворешноста (школката) Ви е со модрици и рани, внатрешноста (духот) ќе Ви биде здрав. Па ајде натерајте болен човек да си направи модрици од вежбање? Па тој не може да стане ниту од кревет од болка.

Уживајте во тренингот. Вежбајте внимателно, но уживајте. Се додека се смеете Вие сте победници. Смеењето е одлика на победниците.

А јас сум тука да Ви помогнам околу смеата. Со добри техники, но и со добри џигици, досетки и шеги. Ќе се фалиме еден со друг, ќе се фалиме колективно, ќе се фалиме самите себе.

Ни се може така! Нека пукнат душманите од мака.