Уке

Колку пати досега за време на тренингот сме зборувале за важноста на улогата на уке при Вашето вежбање? Многу. Но, повторно ќе кажеме неколку збора за тоа.

Уке не претставува партнер од доверба во кој можеме да бидеме сигурни дека лесно „ќе го преживееме“ нападот. Напротив, уке треба да не натера да го „преживееме“ нападот. Без реален, силен и цврст напад, нема добар напредок за тори. Уке треба да го натера тори на акција. Да го натера да ја почуствува неговата намера за да го удри. Само така тори ќе даде се од себе за да може да се одбрани.

Уке е совеста на тори. Уке треба да го разбуди тори од сонот дека тој е најдобар и највешт. Уке треба да му помогне на тори да разбере дека без сериозна одбрана, ќе „добие“ по носот. Но што се случува ако вежбате само со еден уке? Вие ги учите неговите движења и навики и лесно можете да се одбраните од него. Токму затоа, Ви велам, честопати да го менувате Вашиот уке. На крајот на краиштата, тори треба да учи од уке. Уке треба да го натера тори да учи од него.

Јас вчера (по којзнае кој пат) научив од мојот уке. Навикнат на вештината на Мацко, Марче, Даре, на нивната брзина, сила, на нивната одлична техника, со леснотија можев (и можам) да се одбранам во секое време. Затоа одбрав уке кој ќе ме разбуди. Уке кој ќе ја победи мојата ноншалатност и сигурност. Уке кој ќе ме врати во реалноста. Уке кој ќе ме натера да не потценам ниту еден противник. Уке кој на првата изведба на техниката, ќе направи на следните да бидете будни и внимателни и да дадете се од себе.

Сабајлево кога ја погледнав брадата во огледало се насмевнав и се заблагодарив на Маја за добрата лекција од вчера. Затоа треба да го сакаме и почитуваме нашиот уке. Да му бидеме благодарни.

Будилникот на нашата совест. Одоговорниот за нашиот прогрес.

Благодарам Маја.