Личен развој

Драги ученици,

сакам да Ве известам дека во текот на месецот јуни и јули ќе го намалам моето темпо на работа во нашиот клуб. За тоа имам две причини кои ќе Ви ги наведам поради отвореноста на нашата посебна врска и транспарентноста која отсекогаш владеела во нашиот клуб.

Најпрвин, со задоволство сакам да Ве известам дека завчера (ненајавено и неочекувано) во Скопје пристигна Игор Стојановски, еден од моите ученици уште во периодот пред да го отворам мојот клуб (пред 1995). Тој пред десет години замина на работа во САД, каде што на моја препорака, се зачлени и стана ученик во клуб во кој што се негува Кашима Шин Рју – стара јапонска школа.

Мајсторот Игор Стојановски ќе биде во Македонија до крајот на месецот јули, а јас сакам да ги искористам тие два месеци за мојот личен тренинг од областа на оваа школа. Освен тоа, сакам да поминам колку што е можно повеќе време со него поради блискоста и специјалната врска која што ја имавме воспоставено како сенсеи и учи деши. Јас сум пресреќен што тој е повторно близу мене и што сега јас ќе бидам негов ученик за Кашима Шин Рју. За возврат, тој сака да учи Оно Ха Итто Рју и Даито Рју, а јас се разбира ќе дадам се од себе да му го овозможам тоа (иако се сметам за почетник во овие школи). Тоа е добар пример на заемна љубов и почит и на однос каков што би требало да имаат сите ученици со своите учители.

Доколку мислите дека јас имам право, после 22 години секојдневен тренинг и после 15 години водење на клубот, да ја препуштам работата на кратко на моите ученици и да се посветам на мојот личен развој, тогаш Ве молам да ме подржите во мојата одлука. Доколку само еден од Вас (40 на број) се спротистави на мојата одлука, јас ќе продолжам со работата во клубот и во месеците јуни и јули без притоа да замерам и најмалку. Имајте во предвид дека јас сум учител кој што сака постојано да вежба, да учи и да се надоградува. Моето усовршување е можно само преку ист начин како и Вашиот – со тежок и напорен тренинг.

Втората причина за оваа моја одлука е тоа што сакам да ја ставам на тест мојата доверба кон Марче и Марко. Тие се ближат до мајсторското звање, кое во нашето доџо е знак на големо знаење и вештина. Сакам да ги соочам со опасноста да бидат два месеци на моето место, да ги набљудувам промените кај нив и да видам дали тие навистина го заслужуваат црниот појас. Сакам да видам дали мојата доверба е оправдана кон нив, како ќе реагира нивната суета, каква е нивната моќ на брзо носење одлуки и подготвеноста да се брани честа на клубот по секоја цена.

Ете, накратко тоа се причините за ваквиот чекор од моја страна. Јас одвреме – навреме ќе присуствувам на тренинзите, ќе Ве следам постојано и ќе Ви помагам. Но моите приоритети за прв пат ќе бидат ставени пред Вашите. Во следните два месеци ќе се потам, ќе крварам и ќе губам на килажа се со цел да се обидам да постигнам нешто повеќе за мојот личен развој.

Секогаш Ваш,

Игор Довезенски

01 јуни 2010 година