Омоте или Ура? Его или Будо?

Претпоставувате дека на вчерашниот тренинг добив доволна мотивација за да го посветам овој напис за концептот на омоте и ура.

Но нема да зборувам јавно за тоа што е омоте, а што е ура. Тоа ќе го довршиме на утрешниот час. Темата за денес е нешто сосема друго.
Иако сите мислевте дека на крајот конечно разбравте за што зборував во текот на целиот час, на крајот сите паднавте на задачата што ви ја поставив. Поединечно или групно, делумно или целосно, сите покажавте дека се уште имате уште многу да изодите по Патот (послан со трња).

Само еден (една) од Вас имаше доволно доблест постојано да прашува и да бара дообјаснувања. Но истиот (истата) немаше доволно доблест да го задржи во себе исконското: ама…
Нема „ама“. Кога барате одговор на некое прашање, направете го тоа откако ќе го „застрелате“ егото во себе. Две работи не одат заедно. Его и Будо.
Кога го барате одговорот, бидете подготвени да дојдете до него. Со чисто срце и отворен ум. Само кога ќе ги надминете тие „детски болести“, ќе можете да напредувате со големи чекори. Само тогаш ќе почнам да Ве гледам со други очи.
На крајот, излезе дека сите што се потсмеваа, се потсмевале самите на себе. Сите дадоа погрешен одговор.

Да ги отвориме срцата и утре конечно да расчистиме што е тоа омоте, а што е тоа ура. Забележавте дека позади тоа се крие цела филозофија, цела наука.
п.с. На училиште кога не сте можеле да научите нешто, ќе ви „шибнеле“ единица, или во подобар случај тројка, и така лекцијата ќе останела цел живот ненаучена. Или, пак, ќе сте набубале за петка и без да разберете за што навистина станува збор, ќе сте продолжеле на следната лекција.
Кај мене тоа не поминува. Или ќе научите или никогаш нема да преминете на следното ниво.
п.п.с. Кој се лути да јаде жути, а кој се срди да јаде тврди.