Сила

Додека го закопувавме цревото во земја, со цел учесниците на кампот да не чекаат многу за ладна вода односно топлата вода од изворот да истече, Косара ми го донесе телефонот и ми кажа дека некој ме бара:

-Ало сенсеи, што правиш?

-Копам, одговорив.

-Види, денес цел ден сурфав по страниците на буџинкан клубовите и забележав дека ние сме станале регионална сила.

-И само за тоа да ми кажеш ме бараш на мобилен и ме прекинуваш во работата? Толку е итно тоа?

-Не сенсеи, сакав да ти кажам дека луѓето мака мачаат да организираат еден обичен семинар. Гледам, собирале од ваму – од таму, и пак на фотографиите по 10-20 луѓе. Па ние за еден обичен семинар во природа, што ги правиме толку често,  имаме по повеќе луѓе од нив. За меѓународен да не правиме муобет. Без 40 не сме. Ние сме станале регионална сила. Не треба никого да молиме, да праќаме покани, да им досаѓаме на луѓето, до собираме човек-по човек, да се мачиме и нервираме. Толку сме силни што можеме сами да донесеме било кого и било кога.

-Добро, те разбрав. Може сега да си продолжам со работата? А ти оди направи едно тренингче, остај компјутерот.

Муобетов не е ниту најмалку важен. Вакви муобети се случуваат често. Учениците сакат да разговараат со мене на најразлични теми. Тоа што ме натера да го објавам беше сознанието дека нашите ученици искрено се радуваат на клупските (нашите) успеси. Ги доживуваат како да се свои.  Ги чуствуваат со сето срце, па дури прават анализи и споредби.

Со такви ученици уште сега може да се предвиди каква ќе биде прославата за 30 годишнината на Буџинкан Македонија. Но најпрвин да го пославиме сегашниов јубилеј.

Нека ни е со среќа!