Момчешка вечер

Што ти било момчешка вечер. Седат 10 мажи на маса, сите пријатели на идниот младоженец, од тука и од таму, кои што се натпреваруваат кој ќе направи поголема глупост. Кога си кум, а истовремено и најдобар другар на идниот младоженец, не ти преостанува ништо друго освен да седнеш на таа маса и да се обидеш да направиш некоја глупост „ради атмосфера“. Но тешко ти оди.

Ги гледаш Вангел, Џеки и Јордан како го љокаат виното без трунка совест. При тоа го рецитираат „Тетовирање“ и ги повторуваат дешавките од  изминатата младост. Стават ч’чкалица во уста и со неа си го чепкаат носот. Се смееш насила колку да не ја расипеш атмосферата, но повторно тешко ти оди.

Од друга страна Директорот, Андреј и нашиот Зоки ги повторуваат кафеанските фори кои ги изнагледале во текот на изминативе години. Се смееш само на Зоки, бидејќи е твој и го сакаш. Му ги броиш пивата и криво ти е што се навраќа на стариот живот, „макар“ и за миг. Не смееш да му кажеш ништо оти во кафена ти си Роги, а не сенсеи.

Тука се и Жаре и Дизајнерот. Првиот го познавам. Добро му оди виното. Надежен е. Вториот прв пат го гледам , но и тој ќе го биде. Влегува пополека во тој свет. Масла како Масла. „Е ај размисли малку педер, што мислиш зошто жена му на Вангел не му прави проблеми за да оди каде сака. Што мислиш што прави она за тоа време“. И толку. Тоа е доволно од него за цела вечер. Тој кажува и претскажува.

И на крајот Иве. Само тој дреме како мене и едвај чека да се прибере дома. И веднаш да ми каже за тоа. „Баце, глупости се ова. Седиш и дремеш. Место да си спиеш сега“. Знае дека веднаш добива бланко подршка бидејќи тој муобет сме го правеле илјада пати.

Момчешка вечер. Седиш, јадеш, пиеш, правиш глупости. Место да си дома со најблиските, саканата, најмилите. Место да читаш, проучуваш, љубиш и гушкаш. На твојот кревет во твојот дом. Момчешка вечер. Увезена од некоја западна земја. Со домашни примеси од скара и алкохол.

Дремеш така вештачки накезен и се молиш да не ти замери најдобриот другар бидејќи не можеш да се пронајдеш во празниот муобет со неговите другари. На крајот разбираш дека токму и затоа ти е најдобар другар. Затоа што те разбира дека повеќе сакаш да бидеш во доџо-то со учениците отколку во кафената, да пиеш чај наместо пиво, да вежбаш корју наместо да зборуваш, да љубиш наместо да јадеш. Знае дека сега ќе читаше нешто за класичните јапонски боречки вештини додека жена ти ти лежи на стомак и си слатко си дремка.

Момчешка вечер. Извини Ацо. Не се пронајдов. И никогаш нема да се пронајдам. Ќе дадам се од себе да се покажам на свадбата. Тоа ќе биде улогата на мојот живот. Ти ветувам.

п.с. Освоите го срцето на некоја девојка. Прошетајте ја  и направете да се чуствува убаво. Не се затворајте по кафеани. Бидете страствен љубовник, не страствен боем (тоа е пијаница со факултетска диплома).