Победа

Тој дојде во нашиот клуб пред некоја година и од тогаш постојано покажува напредок во совладувањето на деветте школи на Буџинкан.

Овој пат, намерно нема да давам карактеристики за него, со цел да ја заштитам неговата личност, а секоја работа која дискретно ми е кажана од страна на моите ученици за мене претставува светост.

Туку, да се вратам на муобетот. Кога прв пат го пречекори прагот на моето доџо, ми кажа дека боледува од шум на срце и дека докторите не се сигурни како тоа ќе се развива. По краткиот разговор сепак одлучив дека е подобро да вежба.

Оттогаш поминаа доста месеци и години.  Во понеделникот, истиот тој, ми пријде и ми рече дека ги направил сите испитувања и дека шумот целосно исчезнал. Лекарот му честитал и му кажал дека тоа е благодарение на физичката активност.

-Сенсеи, сега е се во ред со мене и сакам да Ви се заблагодарам бидејќи знам дека ова е благодарение на вас и на вашите тренинзи.
Не кажав ништо специјално. Бев толку радосен и среќен, а кога сум среќен тогаш обично зборовите ми бегаат од устата.

Ова е моја (мала) победа поради начинот на кои ги водам тренинзите, прилагодени за правилен развој на телото и умот. Ова е уште повеќе твоја (голема) победа, бидејќи ти си еден од најредовните на тренинг. Ова е заедничка победа на сите нас кои си помагаме за време на тренинзите.

Ти, јас и сите наши членови ја постигнавме најважната работа. Сето друго не е важно.

Ако дозволуваш, ова нека биде и победа на Пат кон Сонцето / Буџинкан Македонија!