„Заповеди“ при одбирање на доџо за секој вежбач

Ова е незгодна тема која може да предизвикува бура од незадоволство кај многумина кои водат доџо или организираат било каков начин на тренинг.
Се надевам дека текстов нема да се сфати како навреда кон некого, туку само како помош при одбирањето на доџо од страна на идните вежбачи.

Прво правило. Не верувај на дипломата што мајсторот ќе ти ја покаже. Денес можете да набавите диплома многу лесно. Доволно е да посетите или организирате семинар со некој мајстор со сомнителен квалитет и дипломата ќе Ви биде подарена веднаш. Освен тоа, постојат и организации регистрирани специјално со намера да продават сертификати и тие имаат сосема законско право за тоа.
Наместо диплома, одете и посетете го тренингот и видете каква атмосфера има таму. Видете дали тренингот е сериозен и дали на крајот вежбачите се испотени и насмеани. Бегајте од инструктори кои се полни со преубави зборови и имат многу „пришивачи“ од различни организации со чудни и непознати имиња на кимоната. Прашајте го инструкторот на која организација припаѓа, а потоа проверете ја легитимноста и капацитетот на организацијата.
Обратете внимание на техниките кои инструкторот ги покажува. Забележете ги неговите движења. Обидете се да видите дали има моќ во неговите удари и каква му е рамнотежата за време на изведувањето на техниката.
Доколку инструкторот се движи споро, неспретно, не знае како да удри со рака и со нога, тогаш најверојатно од него не можете да научите ништо.
Друга работа на која што секој иден вежбач треба обрне внимание е бројот на членовите во доџо-то. Доколу видите неколку изгубени „фаци“ кои поима немат од боречки вештини, или, пак, во доџото вежбаат само мали деца (кои инструкторот може лесно да ги лаже), тогаш бегајте подалеку. Добрите доџо-а се секогаш полни со луѓе, затоа што добриот глас брзо се шири. Денес луѓето се информирани и паметни, па не сакат да си го губаат времето со некој од кого не можат да научат ништо.
Не верувајте на приказни од типот: „немам многу ученици бидејќи не сакам да ја комерцијализирам вештината“ или „со помалку се работи подобро, бидејќи можам на секого да му обрнам внимание повеќе“. Таа приказна може да оди и во стилот: „мене ми е важен квалитетот на учениците, а не квантитетот“. Таквите приказни се чисто срање. Прво, секој инструктор сака да има многу ученици. Без многу ученици доџо-то не може финасиски да опстане, а тоа значи дека напредокот ќе биде катасрофален за сите поради неможноста да се патува и организира добри семинари, како и да се обезбеди добар простор за тренинг. Второ, доколку доџо-то има многу ученици, тогаш учителот лесно ќе најде заменици кои ќе можат да обрнат внимание на сите. И трето, а можеби и најважно, е што добри ученици полесно се наоѓат меѓу 100 отколку меѓу 10 кандидати, така што приказната за квантитет и квалитет не држи вода. Запомнете дека квалитетот секогаш се раѓа поради големата конкуренција.

Следна работа на која треба да внимавате е кондицијата на инструкторот. Доколку изгледа запуштено и се заморува, постојано седи на страна, ретко вежба со учениците, тогаш тој не е учител за Вас. Идниот Ваш учител треба да биде најдобар во доџо-то и да има одлична кондиција за неговите години. Треба да сака да вежба, наместо само да зборува и да дели совети од страна. Сетете се дека самураите и нинџите се качувале по ѕидовите на тврдините со јаже, дека биле одлични пливачи и нуркачи, дека можеле да се искачат на непристапни планини. За сето тоа е потребно добра кондиција. Инструктор што не може да направи 20 склека прво треба да си побара добар инструктор кој ќе го натера на тоа.

Важно е и да видите што се случува на меѓународните семинари што ги организира Вашиот учител. Доколку на нив дојдат едвај 10-тина луѓе, тоа значи дека тој не е многу почитуван и дека тие 10 души можеби дошле за да земат некоја диплома или звање. На добри семинари доаѓат многу луѓе и тренингот е крајно сериозен и напорен.
Обрнете внимание и на семинарите на кои Вашиот инструктор предава. Доколку семинарот е малку посетен, тоа значи дека луѓето повеќе нема што да научат од него. Доколку инструкторот е добар, тој ќе биде повторно повикан од страна на истиот организатор, без при тоа да му биде побарано да направи некаква услуга (да дели дипломи, да тестира за звања и слично).
На крајот, пред да се одлучите каде ќе вежбате, топло Ви препорачувам да го посетите доџо-то и да го видите односот меѓу луѓето. Доброто доџо смрди на пот, но едноставно зрачи од енергија. Луѓето се почитуваат меѓу себе и си помагаат. Атмосферата се чуствува во текот на целиот тренинг. Нема изгубени „души“, туку луѓе со достоинствено движење кои знат што сакат да постигнат во животот.