Слобода на избор

Наслушнав дека двајца наши ученици малку ми замериле што семинарот за кенџутсу сум го закажал во викендот што се совпаѓа со изборите за членови на парламентот.
Прво, денот случајно се совпадна, од причина што сите други викенди ми се однапред закажани со обврски поврзани со вештината и клубот. Второ, семинарот не е обврзен (како и секогаш), туку се одржува само поради учениците од нашето доџо кои имат желба за побрз напредок. Трето, тие што сакат да гласат, слободно можат да си го направат тоа. Доколку некој се плаши дека „неговата“ партија ќе загуби поради нашиот семинар, воопшто не треба да му ја мисли на тоа. Претпоставувам дека од луѓето што ќе дојдат на семинарот, има симпатизери од сите партии, така што сите ќе бидат подеднакво „оштетени“.
По не знам кој пат сакам да нагласам дека Буџинкан Македонија и јас како нејзин водач, воопшто не сме политички определени ниту пак некогаш ќе бидеме. Тоа што јавно сум го кажувал, а ќе го кажам и сега, е дека Буџинкан Македонија (и јас) е патриотски настроена невладина организација и во тој дух ги воспитува сите наши членови. Но таквата определба воопшто не значи врзување за било која партија. Моето искрено мислење е дека најголем дел од политичарите се себични серковци кои мислат повеќе на својот џеб одколку на среќата на македонскиот народ.
Политика воопшто не ме интересира. А ако некој мисли дека правам штета на државата затоа што на денот на изборите ќе одам да вежбам, а воедно и да ги подучувам моите ученици како да ја одбранат својата држава доколку е тоа потребно, тогаш проблемот е кај него.
За мојот патриотизам и љубов кон државата воопшто не сакам да зборувам. Затоа што имам еден принцип кој го почитувам. За патриотизам зборувам само со луѓе кои имат три деца како мене. Нема поголем чин на патриотизам од тоа да се откажете од сите задоволства, од сите удобности за да можете да подигнете здраво и бројно семејство. Секое дрндање на таа тема е непотребна. Вистинскиот патриот се докажува на дела, не на зборови во кафеана или на улица. Впрочем, тие што ме познават подобро, свесни се за моите дела направени за Македонија.
Сите имаме право на избор. Сите сме слободни да го правиме тоа што го сакаме. Секој од нас различно може да ја толкува слободата. Еден од ретките луѓе кои го напуштиле нашиот клуб со плукање (од 1995 до 2010 имало само 3-ца такви) веднаш по предавничкиот чин напиша на ФБ: „слобода“. Истиот тој трчаше по партиските каравани со сендвич во рака за да го вработат. И го вработија. Но ќе мора да трча и понатаму.
Според  мене, слободните луѓе можат да изберат без страв од последици. Без проблеми по работата, проблеми со родителите, проблеми со блиските. Јас сум слободен. Никому не должам. Ниту на работа, ниту во Буџинкан. Затоа можам секому да кажам НЕ. И можам секогаш слободно да изберам. А мојот избор секогаш ќе биде тренинг. Тренинг со моите најблиски. Тренинг со учениците кои незимерно ги сакам. Тренинг со тие што се слободни како мене и можат слободно да изберат без страв.

Тоа е вистинска слобода!

п.с. Знам дека замерката од двајцата членови воопшто не е сериозна. Но, доколку некој сериозно се налути поради совпаѓањето на семинарот и изборите, му посакувам пријатен ден покрај телевизорот и да се изнаслуша на А1 за тоа колку е Ѕинго, а на Сител за тоа колку Велија е лош. И тоа е избор! Да немаш избор!