Нафуда

Нафуда или Нафуда Каке е обична дрвена табла со мали штички на кои се испишани имињата на членовите на доџо-то. Стилот, формата и материјалот може да се разликуваат од доџо во доџо. Некаде се изработени од најквалитетно дрво со прекрасен дизајн додека во некои доџо-а штичките едноставно се заковани со шајки за некоја поголема даска која што е прицврстена на ѕидот.

Исто така и наменета се разликува од доџо во доџо. Некаде, со самиот упис, Вашето име се запишува на штичката и тоа седи се додека сте активни во доџо-то. Чим го напуштите, штичката со Вашето име се вади од таблата. Во други доџо-а, пред тренингот ја вадите штичката од ѕидот и ја ставате во посебна корпа од која најстариот ученик ги забележува сите присутни во еимеироку (тефтер – записник). По завршувањето на тренингот штичката си ја враќате назад. Во трети доџо-а, штичките со имињата на сите новозапишани ученици, се обесуваат на таблата (нафуда-та) за да се потенцира големината на доџо-то.

Во Пат кон Сонцето, на нафуда-та се обесуваат штичките со имињата на учениците кои положиле за 5 кју. Тие висат на нафудата се додека се членови на доџо-то. Оние кои оставиле навистина голем впечаток и трага во доџо-то, кои направиле многу за Пат кон Сонцето, кои не ги прекршиле правилата на доџо-то, кои се уште одржуваат конекција со нас – нивното име останува засекогаш на ѕидот.

Нафуда е конекција меѓу ученикот и доџо-то.