Стара слава

Како што годините врват, бројката на ученици кои минуваат низ нашето доџо е се поголема. Колку е бројката поголема, толку стандардот односно долната граница на квалитетот се подигнува. Колку повеќе квалитетот се зголемува, толку е потешко да се стигне до напредната група. Па така, некои од учениците веќе две години се членови на Буџинкан Македонија, а се уште вежбаат во почетната. Тие се тука, но постарите членови воопшто и не знаат дека тие постојат. И ова не е лошо за никого. Особено за почетниците, кои кога ќе дојде време да се префрлат кај постарите, ќе дојдат со солидна основа и знаење.

Но, големата бројка која минала низ доџо-то може да биде проблем (за мене лично). Особено кога сакам да напишам нешто на блогот. Се прашувате зошто? Затоа што со толку многу луѓе, а секој од нив со уникатен карактер, со посебни квалитети, но и слабости, невозможно е да напишеш нешто критички, а некој (да не речам неколкумина) да не се пронајде или да не се посомнева дека критиката е насочена кон него. А не е! Јас не пишувам за поединци. Јас сакам да ја пренесам пораката генерално, на сите мои ученици. И сакам таа порака да биде разбрана и применета во секојдневниот живот – а не само во боречките вештини.

Денес ќе пишувам за „старата слава“. Тоа се оние моменти од животот што секој од нас како кобудока ги доживеал. Тоа се деновите кога нашата мотивација била на највисоко ниво и кога жедта за знаење била огромна, а пожртвуваноста да се научи и напредува – безрезервна. Тоа се деновите по кои сите не паметат, деновите кога сме слушале само пофални зборови за нас и деновите кога почнавме да веруваме дека ги надминавме сите. Да, тоа се најубавите денови од нашиот живот.

Но…за жал, кај нас несовршените секогаш мора се појави едно НО…

Тие денови кога-тогаш мора да останат зад нас. Мотивацијата ќе падне, жедта за знаење ќе се загуби, пофалбите ќе ги снема. И ќе остане само нашата верба дека сме најдобри од сите. А токму тука почнуваат проблемите предизвикани од „старата слава“. Кога мрзата добро ќе не „зајава“, најпрвин имаме потреба да измислиме добар изговор за тоа: зошто повеќе не ни се вежба. Секако, бидејќи нели ние сме си најдобри самите на себе, најлесно ќе биде кривицата за нашата неспособност да ја префрлиме на некој друг. А тука се секогаш учителите, соучениците, домашните, постарите, помладите. Секогаш е полесно да се убедиме дека тие се виновни за новонастанатата ситуација. Се е подобро освен да се признае дека проблемот е во нас самите.

И сето тоа ќе беше убаво ако не постоеше старото добро правило во кобудо кое вели дека „на стара слава не се живее“. И тоа важи за секој од нас. Од учителот до последниот ученик. Никој, ама баш никој во кобудо не може да живее на „стара слава“.

Тие кои размислуваат трезвено, треба да разберат дека токму затоа ова правило е „златно“. Затоа што знаејќи го него, ние ќе бидеме свесни дека се додека сме дел од боречките вештини, мораме постојано да се надградуваме. Мора постојано да се бориме за усовршување на нашата техника. Затоа што кобудо-то (како и животот) е немилосрдно. Затоа и „не е за слабиќи“. Немилосрдно е затоа што доаѓаат нови генерации кои не не познаваат од времето на нашите најдобри денови и на кои нашата „стара слава“ не им значи ништо доколку ние не покажеме знаење пред нив. Откако добро ќе го совладаат материјалот и ќе зајакнат ментално и физички, ќе не грабнат така добро и ќе не треснат од земја во секој смисла. Убавите приказни за нас од минатото, ним нема да им значат многу. Тие ќе ги почитуваат нашите години и нашето време поминато во доџо, но со текот на времето кога ќе се зближат со нас, таа почит ќе исчезне доколку нашиот статус не го поткрепиме со знаење и желба за продолжување по Патот на усовршувањето.

Ете, од тие причини јас лично никогаш не застанувам. Нема откажување ниту од вештините, ниту од џунан таисо, ниту од џунан ундо, ниту од подвизите. Од тие причини вежбам секој ден и нинџутсу и Даито рју и Катори Шинто рју и организирам меѓународни семинари, и во природа и викенд-сесии. Затоа што не сакам да живеам на „стара слава“. Не сакам да зборуваат „ама знаеш сенсеи што правеше на времето“. Нема „на времето“! Времето на кобудоката е само додека вежба и се усовршува. Кога желбата за тоа ќе се загуби тој чесно се повлекува. Или прави грешка и продолжува да живее на „стара слава“.

Додека размислувам за ова, ми текнува колку време ми требаше да ги разберам стапките на легендите со чии биографии цел живот заспивам. Колку време не можев да разберам зошто Мијамото Мусаши во своите најдобри денови се повлекол во пештера и никогаш повеќе не фатил меч во рака, туку до крајот на животот продолжил да слика. Не можев да разберам зошто Итто Итосаи го снемало низ полињата после борбата меѓу учениците за негов наследник и никогаш и никој повеќе не го видел. Подоцна разбрав дека не сакале да живеат на „стара слава“, туку сакале да останат легенди за кои ќе се зборува и 500 години после нивната смрт. А легенда се останува кога нема да живееш ниту една минута на „стара слава“, туку во моментот кога ќе одлучиш дека е време да престанеш – чесно и достоинствено ќе се повлечеш.

п.с. Повторно утринава мејл со прашање „како да ја вратам мотивацијата назад“. Можеби тој мејл ме испровоцира да го напишам ова? Одговорив просто, бидејќи сум заморен од вакви работи: „Прочитај ја книгата повторно и одговорот ќе го најдеш таму“.

Но мојата несовршеност не ми даде мир да останам само на тоа, а совеста повторно ме гризна и ми проговори „одговори трпеливо и учтиво како што доликува“. Па еве ќе дадам и еден по директен одговор:

-Прво смени го начинот на тренинг. Уживај во него, биди насмеан и нетрпеливо чекај да научиш нешто ново. Потоа ќе смениме малку од редоследот доколку „навиката“ е проблем. Еве од среда ќе почнеме со џунан ундо од нозе, па нагоре. Ако не можеш да уживаш во усовршувањето, можеби е време да си ги решиш прво проблемите што те потиштуваат. Заврши го школувањето, најди си работа, среди ги односите со блиските и со финансиите. Ако и ова не помогне, пронајди се во друга вештина. Па што си се фатил само за нинџутсу. Има толку убави вештини и спортови таму надвор. Запиши се на аикидо, карате, кендо, бокс. Ако и таму не се пронајдеш, барем ќе разбереш дека нема подобро од нинџутсу. Па тоа можеби ќе те натера да се вратиш во доџо-то и одново да почнеш, ама овој пат како што треба. Ако повторно имаш чувство дека си го губиш времето и дека не си среќен со тоа што го правиш, тогаш тоа е сигурен знак дека е време засекогаш да им кажеш збогум на боречките вештини. Тоа е знак дека треба да почнеш со фудбал, кошарка, танц, шах, велосипедизам, моторџиство, кулинарство, занаетчиство или било што, што ќе те направи среќен и задоволен. Има толку многу убави работи и надвор од светот на будо-то.

Животот е едноставен, само треба да знаеш да го живееш.

ЗАБЕЛЕШКА: овој текст не е насочен кон никого, туку има критичко воинско гледиште на животот. Рекреативците во нашето доџо или тие што планираат да се преселат во рекреативци, не треба да дадат ни „лајно“ за овој текст. Тој не се однесува на нив, туку на оние воини кои сериозно се занимаваат со кобудо и кои храбро и ведро чекорат низ животот. Рекреативизмот е животен стил! Живеењето кобудо е начин на живот! Нераскинлив дел од секој воин.

Нинпо Иккан!!!