Релативитет

За да можам да одам на семинарот во Италија со Такеши Сасамори (Соке на Оно ха Итто рју), морав да ја продадам мојата катана за Катори Шинто рју. А за тие пари што ќе ги потрошам таму, ќе можев да одам на одмор каде што сакам и ќе си останев со катаната и без долгови за враќање.

Сепак, катаната не можеше да најде подобар сопственик од шидоши хо Марко.

Да не ја купеше Марко катаната, ќе можеше да оди каде што сака на викенд со својата девојка и сигурно ќе си поминеше фантастично. Но тој направи избор да седи дома и да има одличен меч со кој што ќе може уште повеќе да вежба и да ја усовршува својата вештина во кенџутсу.

Моментов во кој ја донесов одлуката да останам без катана и да одам на семинар во Италија е многу неповолен. Оваа година веќе направив неколку патувања во странство, нормално со цел да ги изучувам класичните боречки вештини, а веќе организирав и два меѓународни семинари кои доста ме чинеа. Но сепак, ниту во еден момент не помислив на можноста дека треба да застанам и да се смирам. Кобудото е дел од мојот живот и едноставно не можам без него.

А секогаш е тоа така. Ако направев ова, ќе беше она. Ако направев она, ќе беше ова. Тоа е релативитет* во животот и секое размислување на таа тема води во бесконечност.

Затоа, денес без размислување купив авио билет за Анкона.

И повторно се препуштам во рацете на судбината. И повторно се откажувам од сите земни задоволства за да можам да ги остварам моите високи цели и идеали поврзани со класичните јапонски боречки вештини. И повторно продолжувам со мојот здодевен живот во кој усовршувањето е најголемото задоволство. Истиот тој здодевен живот кој ми помогна да „прошетам“ низ речиси половина земји во светот трагајќи по најдобрите кобудо учители. Но здодевноста и приоритетите се исто така дел од релативитетот, зарем не?

* Стави ја раката само една минута на загреана рингла и ќе ти си чини дека си ја држел на неа со саати. Разговарај со убава девојка со саати и ќе ти се чини дека тоа траело само една минута. Тоа е релативитет.