Интервју со Игор Довезенски за denesen.mk

„Првата половина од животот ја минав како земја и оган. Стабилен и незапирлив. Втората половина продолжувам како вода и ветер. Прилагодлив и неодреден“.

Се надевам дека по заминувањето од овоземниот свет ќе го достигнам и Петтиот Елемент – ПРАЗНИНА.

Според филозофијата на Петте Елементи 五大 односно ГоДаи во јапонскиот будизам, петиот елемент Ку (Празнина) е тој што ги обединува сите претходни (Земја, Вода, Оган и Ветер). Преку него се заокружува природниот циклус на земјата.
——————————————–
Ова е најавата на моето најново интервју дадено за denesen.mk, кое истовремено ќе го постирам тука со цел да остане архивирано доколку еден ден се затвори порталот.
——————————————–
НАЈЧЕСТО ТЕ МРАЗАТ ТИЕ КОИ ДЛАБОКО ВО СЕБЕ ПОСАКУВААТ ДА БИДАТ КАКО ТЕБЕ

*Интервју со водачот на единственото македонско доџо за Самурајски и Нинџа вештини

Неколку пати ти се јавував да се договоривме за интервју и секогаш добивав одговор дека немаш ништо ново да кажеш. Сега кога конечно те седнав на маса, сакам да те прашам зошто така мислиш?

Досега сум дал повеќе интервјуа, одошто сум заслужил. Принципите во боречките вештини се зацементирани многу одамна и јас не смеам ниту да помислам, ниту пак сакам да ги менувам. Освен тоа, сите досегашни прашања горе-долу биле слични и поврзани со мојот Пат во боречките вештини. Од друга страна, за што друго некој би сакал да прашува човек кој целиот свој живот го минал во вежбање боречки вештини.
И на крајот, да бидам искрен, за друго и не би сакал да зборувам.

Зарем учителите за боречки вештини не треба да знаат сѐ?

Секако дека треба. Меѓутоа немаат потреба јавно да зборуваат за сѐ.

Во ред, ќе се обидам да поставам прашање кое можеби досега не ти било поставено. Кога прв пат го слушна зборот Нинџа?

Кога имав пет години. Мојот татко ми купуваше стрипови кои многу ги сакав. Особено со Загор Те Неј. На три години веќе имав научено да читам латиница и српско-хрватски. Во еден од тие стрипови Загор се бореше со еден човек дојден од Јапонија кој беше облечен во црно и се бореше со катана и шурикени. Тогаш прв пат слушнав и дознав за Нинџите. Истовремено за прв пат, Загор не беше повеќе мој идол, туку човекот во црн костим кој што се бореше со него.

Игор Довезенски во доџото на Јасусада Иизаса, 20-тиот наследник на Теншин Шоден Катори Шинто рју Хеихо

Тежок ли беше патот да се стане учител за Нинџутсу?

Иако се уште не се сметам достоен за да ме нарекуваат Учител, ќе одговорам потврдно. Да. Патот беше тежок. Бидејќи многупати беше пресечен од различни судбини кои некако се вклопија и станаа дел од мојот живот. Не е лесно кога толку многу луѓе ќе дојдат и еден ден ќе си заминат од твојот живот. За среќа и таа слабост ја совладав, па сега се трудам да не се поврзувам толку многу со сите мои ученици. Почнав строго да ги селектирам луѓето околу себе.

Читајќи ги текстовите на твојот блог, прочитав дека досега си бил разочаран само од неколкумина твои ученици. Со што може еден ученик да те разочара?

Со наивност. Но тоа што ти си го прочитал е многу стар блог. Напишан многу одамна. Уште пред да ја совладам и таа детска болест. Порано се разочарував кога наивно и слепо некој ќе загриза на ефтини приказни.
Кога живееме во доба на информираност и кога сите информации Ви се достапни со еден клик, глупаво е да бидете наивни, но исто така е глупаво да верувате на сите тие информации и да не бидете доволно интелегентни да донесете свој заклучок. Пред еден месец еден мој ученик ми кажа дека случајно се сретнал со еден поранешен член при што му било кажано дека јас не сум бил „вистински Нинџа“ и дека единствен „оригинален Нинџа“ бил некој лик од Србија. Забележете ја терминологијата ќе Ве молам. Уште пред да ми биде пренесено за кого станува збор, веднаш знаев дека тоа не е мој ученик, туку лице кое било на минување во моето доџо. Моите ученици не користат таква несмасна и ступидна терминологија. Тие се начитани, ерудити, луѓе со широки знаења. И како што кажав, тоа се пред се интелегетни луѓе кои со неколку клика на тастатурата можат да проверат што е тоа Нинџутсу, што е Теншин Шоден Катори Шинто рју Хеихо и што е тоа Даито рју Аикиџуџутсу. И лесно можат да донесат заклучок околу прашањето: што е потребно да поседувате за да пиете чај со Јасусада Иизаса, кој инаку е Соке на најстарата и најпочитуваната јапонска школа за боречки вештини. Или, пак,  што е потребно да поседувате за да се прошетате низ доџото на соке Масааки Хатсуми како турист и да се фотографирате со него. Секако, одговорот на првото прашање е АВТЕНТИЧНОСТ. Одговорот на второто прашање е – ПАРИ. Меѓутоа, ова ќе го разберат само луѓето кои сериозно се занимаваат со боречки вештини, така што можете слободно да го избришете овој дел од интервјуто при уредувањето.

Што мислиш за омразата?

Автодеструктивна болест која го разорува телото, умот и духот. Кога мразиш, собираш големо количество негативна енергија, со која всушност си наштетуваш себе си, а никако на тој кон кого е упатена. Инаку, најчесто те мразат тие кои длабоко во себе посакуваат да бидат како тебе односно на твоето место.

А за љубовта?

Која? Кон децата? Кон партнерката? Кон доџото? Кон мојата татковина? Кон боречките вештини?
Чудно е, но како што ми минуваат годините, смислата на љубовта ја менува формата, интезитетот, насоките, смислата. Тоа неверојатно чувство кое може многу да даде и истовремено многу да земе – е феномен што ги движи идеите и ги формира постулатите на планетава уште од самото создавање на човештвото.
Жал ми е, но еве невешто ќе го избегнам ова прашање. Имам толку многу материјал да зборувам за него, а речиси нималку желба да ја отворам душата пред јавноста.

Кои се твоите долгорочни планови во однос на „Пат кон Сонцето“?

Од како знам за себе, па се до денот кога наполнив четириесет години, правев долгорочни планови кои на крајот секогаш успевав да ги остварам. Размислував години однапред, поставував високи цели, поместував граници и реализирав неверојатни идеи. И тогаш, преку ноќ, одлучив дека продолжувам стихијно, како река, која го менува својот правец според теренот низ кој тече. Првата половина од животот ја минав како земја и оган. Стабилен и незапирлив. Втората половина продолжувам како вода и ветер. Прилагодлив и неодреден. Без конкретни планови, без длабоки анализи, без долгорочни цели и неверојатни идеи. Очекувам тоа што досега вложував, да почне да ми се враќа. На секое поле. Сега продолжувам да живеам од денес за утре. Секако, со сите доблести кои ги поседувам или кои ги стекнав низ годините.

Благодарам за ова концизно и директно интервју. Се надевам бев барем малку поразличен од колегите кои досега те интервјуирале.

Благодарам за поканата и пристапот. Јас се надевам дека успеав да кажам барем нешто ново, со оглед на моите ригидни и бетонирани ставови кон животот.

Д.Д.


Линкот од denesen.mk—->тука