Сенсеи, земи ја тетраткава и види дали се добро сум запишал, ми се обрати Марко по завршувањето на петочниот тренинг.
Стигнав дома, и после изведувањето на истиот ритуал веќе две декади наназад (бележење на редовност, туширање, вечера), седнав да ја разгледам тетратката на Марко. И да бидам искрен, воопшто не бев изненаден. Што друго и може да се очекува од него.
Над 100 страници, рачно напишани во форма на дневник. Сите поважни датуми за него и за клубот забележани. Сите текстови од веб-страницата препишани. Многу цртежи и фотографии. Мал речник на јапонски термини. Се што се случувало во клубот е забележано во неговата тетратка со дебели корици од скај. Како архива.
Ги вртев страниците и размислував колку би бил среќен кога сите ученици би ја имале пожртвуваноста на Марче. Не дека и тој си нема мани, како што си имаме сите ние. Но, Марче има некои особини кои што се веќе заборавени категории во времето во кое живееме.
Не случајно секогаш кажувам, да го имаш Марко за пријател, значи дека си богат човек. Имаш некој на кого можеш да се потпреш, да му веруваш. Некој што секогаш ќе застане рамо до рамо со тебе и ќе се обиде докрај да ја брани вистината.
Правичен и строг. Тоа ќе му носи многу проблеми и секирации во ова време-невреме. Но затоа секогаш ќе го прави посебен. Анахронизам на едно друго време. Изумрено. Кое денес постои само на филмовите.