Стандард

Тие што беа на вчерашниот тренинг, треба веднаш да престанат да го читат овој напис. Тоа што сега го пишувам, за нив е веќе слушната работа.

Една од формулите за успех на Буџинкан Македонија е високо поставениот стандард кој со години наназад љубоморно се негува. Има само еден Пат. Патот кон Сонцето. А тој подразбира движење во само една насока-напред. Нема назад. Нема попуштање. Нема влечење. Успешните и цврстите одат со нас. Одат напред. Другите за жал се откажуваат (се разбира, потоа ние сме секогаш криви за тоа).

Со години ја слушам истата фраза, го добивам истиот совет од тие на кои многу им значам. „Успори. Намали го темпото. Луѓето се замараат. Тренинзите им се напорни. Болни. Ќе си заминат сите. Ќе немаш пари ниту за сала да платиш.“

Искрено, им верувам на моите сакани. Но никогаш нема да го прифатам овој нивни совет. Па чекајте луѓе. Ние имам поставено стандард. Затоа сме Буџинкан Македонија. Затоа опстојуваме со години. Затоа нашите 7 кју работат подобро од многу црни појаси. Тоа е нешто што се гради со макотрпна работа. Нешто што се кали, треби, чисти, за да на крајот остане најдоброто.

„Оваа година на Кото Рју е тешка за луѓето. Некои намалија со редовноста поради тоа“.

Ако, нека намалат. Замислете да падне стандарот поради тоа. Замислете кога ќе дојдат новаците (гуштерите) во клубот и кога ќе го видат квалитетот во нашето доџо. Каква претстава тие ќе имат за нинџутсу ако видат млитави ликови кои доаѓат на тренинг поради тоа само да им помине времето? Потоа од нив ќе очекуваме квалитет? И висок стандард?

Не другари. И да останат на крајот само тројца вежбачи, стандардот нема да се намали. Кај нас буџутсу останува буџутсу. Балетот го оставаме на балетаните. Кој неможе да издржи, нека не доаѓа редовно. Особено тие што кај нас вежбаат поради рекреација, доброто дружење или слично. Но, тие што се мои учи деши, тие имаат само еден Пат. Напред. Во спротивно се знае. Ќе мора да се придружат на плукачите.

На крајот еден совет од „стара кајла“.

Секој вежбач има кризи за време на својата „кариера“. Тие кризи ги почуствувал секој будока и се појавуваат циклично на одреден период. Истите носат слабост, замор, безволност, апатија и многу прашања од типот: зошто го правам ова? имам ли корист од ова? што мајка барам повеќе тука? И слично.

Каде е заебот?

Ќе ви кажам. Тајната е во тоа како да се зголеми периодот помеѓу двете кризи. Тоа се прави со добра мисла. Со разбирање на важноста и придобивките од вежбањето. Со разговор со учителот. Со позитивно забушување, кое подразбира правилен тренинг, но со намален интензитет на болка. Последното значи дека техниката ќе ја изведам со правилни движења, но малку успорено и без големо напрегање. Тоа ќе помине кај секој добар учител. Но никогаш нема да помине изведба на техниката без добар камае, со млитав и спуштен гард, со наведната глава како на опело, со свиткан опаш како да сте пред страшниот суд, со изгубен поглед како да Ви избегале овците, без концентрација, како во глава да Ви се врти некоја песна од претходната вечер во Опатија „жена змија, седи за шанком и пије свој виски са ледом…“.

Овие работи нема да поминат. Особено не кај мене. Се гледаме на паркет.