Иве дојде!

Вчера дојде Иве (Иван Иванов). Тој е ученик на Буџинкан Македонија уште од самото основање во 1995 (од прв ден). Тренираше во нашето доџо за време на летниот период (три месеци), кога се враќаше од Германија (каде што учеше и работеше). Секогаш, после три месеци тренинг, неговата техника се подобруваше драстично, а кога ќе заминеше, во следните девет месеци неговата техника се враќаше на старо. И секое лето исто. Долго време го убедував да се запише во некој Буџинкан клуб во Германија и таму да вежба. Тој не сакаше поради големата почит кон мене како негов учител. Минатата година конечно го убедив и Иван почна да вежба кај шиханот Штефен Фролих (живеат во ист град-Диценбах).

Инаку, со брат му, како копиљаци (крајот на ‘80-тите и почетокот на ‘90-тите) ќе дојдеа во мојот двор и со часови ме гледаа како вежбам. Еден ден им направив тегчиња од по три кила и ги натерав да вежбаат со мене скоро секој ден. По неколку месеци добро ојачаа. По неколку години, кога го отворив клубот за јавност и двајцата почнаа да вежбат нинџутсу. Ги носев по планини, долини, кањони, реки, езера. Ги маваше дамла, сончаница, грозница. Братот се откажа по неколку години, но Иван никогаш не се одвои од мене.

Иве не е природно талентиран вежбач. Тој го знае тоа и често на своја сметка се шегува. Но затоа, своите недостатоци ги надополнува со големата љубов кон вештината. Има особини кои јас најмногу ги ценам. Лојален е до смрт. Знаеш дека ќе скокне веднаш во оганот.

Со години нашето другарство никогаш не спласнало. Неговата доверба во мене како учител никогаш не се раздрмала. Нашиот однос отсекогаш бил одличен.

Иве дојде. Јас сум среќен. Израсна и се изгради во прекрасна личност. Многу вложував во него. И тоа се исплатеше. Сега е среќен родител и посветен вежбач.

Поубаво-здравје!