Денес ме фалеше. Следниот ден ме газеше. Денес бев добар, а следниот ден лош. Денес сум јагне, утре ќе сум волк.
Денес се фалам, утре ќе ги газам. Денес бев добар, утре ќе бидам лош. Денес ќе сум јагне, а веќе утре волк.
Не се сомневам во твојот Пат. Ти ме научи така. Така ги учам и јас.
На многумина не им се допаѓа твојот (мојот) начин. Но тие кои го прифаќаат се вивнуваат нагоре кон ѕвездите. Благословени се мирните и кротките. Се сеќавам на се како вчера да беше.
И вечер повторно исто. В миг звер, в миг ангел. Постојана трансформација. Постојан притисок. Газење по нерви. Опушти ги, притисни ги, смачкај ги. Пофали ги, па критикувај ги. Прегрни ги, па излажи ги. Да издржат, да се навикнат, да надраснат.
Смирение.
Јас сум господар на мојот ум. Јас сум господар на моето срце. Јас владеам со Јас. Јас дозволувам, јас забранувам. Моето езеро е мирно. Без ниту еден бран. Јас сум владетел на брановите.
Секогаш смирен. Секогаш помирен. Насмевка и љубов во секое време. Те следев, не зажалив. Те слушав, се надградив. Од многумина неразбран, од малкумина славен. Но малкумината се посебни. Чекорат храбро по Патот. Како и јас пред многу години. Во нив е иднината.
И понатаму чекорам храбро…
(Со љубов кон Големиот Учител Љ.П.)