На вчерашниот тренинг (со Ваша согласност) последната техника ја посветивме на канализирање на нашата енергија. Станува збор за таканареченото Аики Реншу, техника која доаѓа од школата Даито рју Аикиџуџутсу. Придобивките од неа нема никогаш директно да ги забележите, но тие ќе се одразат понатаму на Вашата техника.
Веднаш по завршувањето на техниката ми пријде еден од Вас и ме праша:
-„Сенсеи, се сеќавам дека оваа техника ја вежбавме и во доџо-то во Буњаковец пред некоја година“.
-„Да“, одговорив.
-„Но Вие тогаш немавте доџо за Даито рју, што значи дека сте ја научиле на семинари“.
-„Така е“, одговорив, истовремено чуствувајќи задоволство дека некој „фаќа прибелешки“ за време на мојот тренинг.
-„Зошто тогаш дури сега отворивте доџо за Даито“?, малку подоцна од друг ученик го добив ова прашање после сличната дискусија.
-„Затоа што претходно немав семејство (мислам на Даито рју организацијата). Јас сум цели 22 години дел од Буџинкан. Во него успеав да оформам и свое семејство, но вежбањето Даито рју на семинари не значеше ништо. Сам човек, без семејство, многу потешко може да успее. Затоа чекав да се појави некој што ќе ме прими во неговото. Тоа е многу важно, да припаѓаш некаде, но не било каде.“
Припадност. Важна работа. Не било каде. Уште поважна работа.
Познавам деца кои припаѓаат на семејства во кои не се воопшто среќни. Татко алкохоличар, мајка ороспија. Такво семејство не вреди ништо.
Затоа е важно каде ќе припаднеш. Таму каде што си среќен е најубаво.
Почитувајте го Вашето семејство.