39.2

Половина час пред вчерашниот тренинг, грлото почна да се стега и да гребе. А знаев! Знаев дека еден ден пред летот и семинарот ќе ме фати некое вирусиште. Децата цела недела наназад беа виросани. Довлечкаа некоја „бубичка“ од градинката како и секогаш. И како и обично „Тато да те бацам во уста“ по 20 пати на ден.
Сабајле станувам како камион да ме удрил. Главата кине, мускулите болат, а не можам да голтнам ниту плунка. Во моментов тресе температура.
Утре е летот. Утре вечер два тренинга. Сабота и недела семинар, понеделник од сабајле уште два. А вечер нашиот Даито рју тренинг.
И не е ова ништо. Ќе шибам парацетамоли, мед, ќе жвакам восок и ќе дадам се од себе на тренинзите. И нема да биде прв пат.
Туку ме боли кога ќе видам некоја намуртена и нерасположена фаца на тренинг. Нервозна и љута. Демек пропаднале лаѓите. „Имам големи проблеми, не сум спиен ниту јаден“.
Хм, проблеми ? Имам и јас многу. Како и сите. Ова со вирозата е најмал. Има и поголем. Едвај скрпив со позајмици 1000 евра за во Белгија. Толкав е целосниот трошок ако помине се како што треба. Па кому му е гајле за тоа? Дали забележавте нервоза на моето лице изминативе денови? Дали не се потрудив да направам да се чуствувате одлично во нашето доџо? Дали некого навредив намерно или лошо го погледнав?

Другари, ние како воини сме должни со нас да носиме со нас мир и спокој. Каде и да се појавиме треба да направиме луѓето околу нас да се чуствуваат безбедни и среќни. Ние немаме време за луксузи (нервози и баксузирања). Ние треба да ја носиме среќата со нас.
Ве молам. Одржувајте ја атмосферата во нашето доџо. Проблемите да си ги оставиме за надвор! Нинпо Иккан!