Одамна одлучив да не ги посветувам написите на блогов на одредени личности од нашето доџо, но ќе морам да направам исклучок, а тоа најмногу се должи поради Вас, бидејќи секогаш кога сум отсутен, ми праќате пофалби адресирани на човекот што најчесто ме заменува – Мацко.
Го знаете Мацко, нели? Тоа е тивкото момче кое низ годините разви одлична техника која постојано се оплеменува и напредува.
Ги прочитав сите Ваши мејлови и пофалби дека одржал одличен тренинг. Многу од Вас напишаа „се гледа веднаш од кого учел“. Тоа е одличен комплимент. Но не само за мене, туку и за Мацко. Ќе Ви кажам веднаш зошто. Кажете ми за колку луѓе можете да ми го напишете тоа? За многу малку, нели?
Едно е луѓето да учат. Друго е дали и колку ќе научат. Мацко навистина се труди. Неговата редовност е неверојатна. Посветеноста исто така. Лојалноста е јасна чим му го доверувам доџо-то секогаш кога ќе одам некаде на Пат.
Тоа што најмногу ме фасцинира кај него е напредокот на сите полиња. Пред неколку години тешко му одеше комуникацијата со луѓето. Неговиот кроток карактер не му го дозволуваше тоа така лесно. Еднаш, додека се возевме за семинар во Битола, му реков: Мацко, читај повеќе, читај ги извештаите на страницата, читај го блогот, слушај внимателно додека имаме состанок (одржуваме состанок барем еднаш до двапати месечно) и внимавај на структурата на зборот, на реченицата, начинот на кој таа се кажува и кога се кажува.
И знаете што? Забележав како неговата комуникација е се подобра. Забележав како неговата сигурност расте. Забележав како несебично ги користи фразите кои и самиот ги употребувам. Забележав дека внимателно следи се.
И знаете што? Успеавме!
Сабајлево видов дека многу од Вас го фалат начинот на кој Мацко објаснувал во петокот. И сите признаваат дека се зачудени поради тоа. И сите потврдуваат дека Мацко просто бил брилијантен во петокот.
Такви работи сакам да слушам за Вас и од Вас!
Нинпо Иккан!
__________________________________________________
Дополнето со последниот мејл што го објавувам со дозвола на авторот.
„Здраво Сенсеи,
Имав во план да напишам денес еден маил во врска со одличните тренинзи од страна на Мац додека бевте отсутни, но
како што видов на блогот вие веќе сте добиле доста мејлови од истиот вид.
Си викам ај да не праќам и јас мејл, све што планирав да кажам веќе кажале/напишале другите.
Сепак решив да го споделам и моето видување на тренинзите со Мац.
Мацко многу брзо напредна, но не во однос на другите туку во однос на себе, за таков напредот треба навистина многу труд.
Низ целиот тренинг е расположен и позитивен, кога објаснува техники знае да каже некоја шега и да не насмее
(кога сме ко телиња во фаците) а во исто време да ја одржи дисциплината, техниките веќе ги објаснува темелно и со детали.
Веќе голем дел од вашиот начин на водење на тренинг Мацко го има одлично разбрано и го применува многу добро.
Ви текнува Сенсеи на крајот од нашиот состанок на кеј кога ви реков дека Мац и Марче фукционираат одлично заедно.
За краток период одлично почнаа да функционираат и кога не се заедно во Дојо.“