(Пред некоја година) се враќавме од семинар од Будва, преку Албанија, кога околу 03.00 часот после полноќ „во средината на никаде“ гумата на автомобилот пукна.
Пустелија. Никаде жива душа. Возачот на комбето почна да ги стопира ретките возила, но никој не сакаше да застане. Кој нормален ќе ја сопре колата знаејќи ги приказните за друмските разбојништва во земјата?
После 45 минути застана возило од спротивната страна на коловозот. Застана без никој да го сопре. Луѓето седее внатре и не излегуваа неколку минути. Потоа се упатија кон нас со батериски лампи. На албански јазик почнаа да прашуваат кои сме и од каде сме, истовремено светејќи со лампата во нашите очи. Кога го слушнаа зборот Македонија, иронично прашаа: Грција?
Во моментот кога се доближуваа до нас, сите ученици од клубот се одзваа на нивниот повик и се наредија околу нив. Беа толку близу, да со еден замав со батериската лапма можеа да бидат покосени неколку души истовремено. Неискуство.
Застанав на крајот, подзакриен зад вратата на нашето комбе. Ги извлеков шурикените од задниот џеб на фармерките и ја набљудував ситуацијата. Бев во заншин.
Не ми беше грижа дали некој ќе помисли дека се плашам, па затоа стојам на страна. Се плашев луѓето кои не осветлуваа со батеријата и не распрашуваа, да не преземат нешто лошо. Бидејќи прво што забележав беа рачките од пиштолите кои се познаваа и ѕиркаа под нивните палта. За среќа се испостави дека се полицајци цо цивил, кои ни помогнаа на крајот.
Влеговме во нашето комбе и го продолживме патот за Македонија со залепена гума. По еден час Елена Ангеловска ме праша:
-Што ти беше тоа што го држеше во раката, додека стоеше позади вратата на комбето?
Бев изненаден. Мислев дека никој не го забележи тоа. Вештината на нинџите подразбира да бидеш невидлив за околината, а мислев дека јас тоа добро сум го совладал.
-Ме виде? Ја прашав.
-Да, одговори потврдно и додаде дека забележила кога сум извадил нешто од џебот.
Тоа го сфатив како знак и потврда дека Патот пред мене е се уште долг. Имам се уште за пешачење. Трњата не ми пречат. Нека бодат колку сакат. Јас ќе чекорам низ нив. И ќе бидам во Заншин!