патот на Патот

-Те чекаме сите сенсеи, неверојатно горди, честитки!!!

-Останав без зборови…

-Нема зборови за ова. Факт, многу важна животна лекција – колку и да те сопнуваат и ти работат зад грб, квалитетот секогаш излегува на површина. Gambatte!

-Возбудена и без коментар…Сенсеи честито,сите сме горди со тебе.

-Сенсеи тоа што го носиш околу половината тешко е колку една планина, отсекогаш било, само сега знаат и другите!
Ако нека знаат! Сега уште повеќе ја сакам Македонија, а и Б.М! Нека ни се вечни!

Ваквите изблици на љубов и почит, ваквата подршка, не дозволуваат никогаш да застанете на Патот.
Оваа година ја почнав „турбо“. За шест месеци-шест семинари во странство. За шест месеци-шест семинари во природа. И ниту ден пропуштен тренинг, се разбира.
Но, времето си го прави своето. Малку, помалку.

Мислам…чекорењето по Патот отсекогаш и секогаш ќе ми причинува најголемо задоволстѕво, но патот (физичкиот) кој што треба да се помине на Патот, почнува да ме заморува.

Менување по неколку авиони, трчање по белосветски аеродроми, автобуси, возови, трамваи, возила, мотели, соби итн. Барање слободни денови, пополнување формулари, граници, царини. Обезбедување пари, позајмици, должници, камати. Без семејство, без деца, без сопруга…сам на патот.
По некое време (два-триесет години) сето тоа помалку станува тешко. Особено кога сте заинтересирани само за тренинг и напредок на личен и на клубски план.

Ете, затоа овој напис го почнав со Вас. Затоа што сакам да Ви се заблагодарам на подршката и љубовта што ми ја давате. Тие мали реченици, тие ситни букви што ќе ги напишете, дават огромна сила и енергија за понатаму. Иако не стигнувам секогаш да одговорам на сите, јас внимателно го читам секој Ваш збор.
И сум бескрајно благодарен затоа што ми помагате полесно да го совладувам патот на Патот!

Гамбате!!!

п.с. Чуството кога ќе дојдеш дома, двете ќерки ќе ти се обесат на врат и ќе ти викат „татенце“, а малиот ќе ти се закачи за нога и ќе почне да те гриза.