Сенсеи дојде и си замина. Ми предаде многу техники и кати кои што треба да ги учам и проучувам во наредниот период. Ми остави многу обврски кои што треба да ги завршам. Среќен сум поради тоа.
Сенсеи дојде и си замина. Во текот на целата година ми напоменуваше дека кога ќе дојде во Македонија ќе полагам за шодан. Го земал во предвид моето претходно искуство со Даито рју (Такума Каи), моето искуство во Буџинкан и фактот што веќе година ипол сум негов личен ученик.
Сенсеи дојде и си замина. И ниту збор не ми кажа за полагањето. Ниту пак јас некогаш ќе му споменам за тоа. Тоа е негова работа. Тој најдобро знае кога јас ќе бидам спремен за шодан. Тоа што јас знам, е дека нема никогаш да побарам да полагам и нема никогаш ниту во еден момент да помислам дека сенсеи греши во однос на било што.
Сенсеи дојде и си замина. Ми текнува, еден мој поранешен ученик зборувал дека заминал бидејќи три години вежбал кај мене, а имал само седми кју. Заслужувал црн појас според него. Но три години вежбање на хартија и три години вежбање во доџо со луѓе и крварење на паркет не е исто. Таквите ученици веднаш наоѓат исти такви учители на хартија кои не крвареле (иако се полни со приказни за нивниот тежок тренинг) и добиваат преку ноќ повисоко звање.
Сенсеи дојди и си замина. Јас нема никогаш да го напуштам сенсеи. Јас нема никогаш да му замерам за било која негова одлука. Јас сум подготвен до крајот на мојот живот да носам бел појас за Даито рју и Оно ха Итто рју. Јас останувам лојален на сенсеи до крајот на мојот живот.
Затоа што едно научив во текот на сиве овие години.
Корју Буџутсу учи на нешто највредно. Лојалност. Лојалност и чест.