Суеверие

Во моментите на голема криза, несреќа, болест, кога сите конвенционални методи и рационални објаснувања се исцрпени, суеверието почнува да тропа на голема врата.
Како етнолог по професија, знам точно како течат процесите на создавање на култовите, обредите, обичаите, па и религиите воопшто.
Иако за некого контроверзно, истовремено сум (искрен) верник и припадник на православната христијанска црква, но и добар познавач на шаманските верувања.

———————————————————————–

-Газда, ќе колеш ли курбан за темелите, ме праша чичко Драги, еден ден пред да им дадам дозвола да почнат со работа на доџо-то.

-Не сум Турчин, му одговорив со смеење. Тој само одмавна со раката и почна да се смее и самиот. Ти си знаеш, по учен си од мене, и ме праша да му објаснам зошто не сакам да принесам крвна жртва (да заколам јагне) кога сите тоа во селата го правеле.

-А зошто го прават тоа, го прашав божемски не знам.
-За да не падне крв одпосле, како од топ пресече.
Му објаснив дека тоа е предхристијански обичај (пагански не е научен термин повеќе), но и дека некои религии и ден-денес го практикуваат, а потоа му го раскажав делот од библијата каде што Исус посочил дека тој ќе ја пролее последната крв за човештвото и дека после него ќе се принесува само бескрвна жртва (леб и вино).

————————————————————————-

-Газда, ќе ставаш ли крсче на чатмите, ме праша чичко Драги еден ден пред да почне изградбата на кровот на доџо-то.
-Тоа е одличен адет му одговорив и јас ги почитувам македонските адети, но јас утре нема да бидам тука, така што ќе ги оставиме тие обичаи за на крај односно ќе викнам поп да го освети местото.
-Добро ти си знаеш, ми рече чика Драги.

——————————————————————-

Во моментите на голема криза, несреќа, болест, кога сите конвенционални методи и рационални објаснувања се исцрпени, суеверието почнува да тропа на голема врата.

Но…!!! Дури и кога некои работи толку многу ќе се поклопат, разумот треба да се бори да најде некакво објаснување и решение, но и да прифати дека некои работи едноставно се случуваат. Не треба да се исклучат можностите за карма, судбина, енергија, виша сила и слично, но не треба така лесно да се донесуваат заклучоци за божествената природа на „нештата“.
Разум. Колку и понекогаш да изгледа тешко да се биде разумен.