Секоја година, пред составувањето на списокот за полагање, одреден број на ученици добиваат таканаречен Услов, за да можат да учествуваат на полагањето. Условот најчесто забранува пропуштање на повеќе од четири тренинзи до денот предвиден за тестирање.
Во тој период, посебно се цени присуството на учениците кои нема да полагаат односно кои не се условени да присуствуваат редовно на тренинг. Токму во тој период се одлучува дали истите ученици ќе имаат право да полагаат и на следното и дали тие ќе бидаат „под услов“. Токму тогаш ученикот го истакнува својот карактер.
Иако малку грубо звучи, условот не се користи како супститут за некаква забрана. Во боречките вештини условот означува проверка на сопствениот карактер.
Учениците кои се под Услов обично се редовни до полагањето и го исполнуваат условот. Тој треба да им покаже дека сите изговори кои претходно ги имале не „држат вода“.
Ако можете да бидете редовни кога сте условени, тогаш можете да бидете редовни и кога не сте.
Условот не е уцена. Условот не е поради желбата и вољата на учителот. Условот нема задача да Ве натера нешто со сила.
Условот го испитува Вашиот карактер и Ве прави да бидете одговорни. Условот Ве гради како личност. Условот Ве развива како будо-ка.