Повторно за вољата

Во петокот ми дојде на гости (на работа) една ученичка од периодот (2001-2003) која што беше доста посветена на вештината. Посетата не беше поврзана со боречките вештини, туку имаше сосема друг карактер, но секако, неизбежна беше и темата за „старите денови“ во доџо-то.
После евоцирање на спомените, ме запраша:

-Добро, како се уште издржуваш после толку години да го правиш тоа секојдневно? Искрено, тешко ми беше да го напуштам клубот, но повеќе не можев да најдам воља за да ги повторувам сите тие работи постојано, со години.

Бидејќи на ова прашање честопати сум давал одговор, не ми требаше многу за да го рестартирам шаблонот:

-Јас……(итн.)…

На крајот и неизбежната реплика дека ова што го кажувам не е од мое лично искуство, туку од искуство на моите ученици кои ми се доверувале. Мене лично досега никогаш не ми паднала вољата за тренинг на корју, така што тоа чуство ми е непознато. Но ги знам сите фази на паѓањето на вољата. Доаѓање на пролет, повреди, желба за ново, девојка, момче, збоктисување …

-Ми беше мило што те видов, додадов на испраќање. Не е важно што не вежбаш повеќе, секогаш кога можам да ти помогнам, добредојдена си. Ако некогаш ја пронајдеш својата воља повторно, облечи го кимоното и појави се. Луѓето кои ќе ја загубат вољата, добиваат аверзија кон паркетот. Оние другите добиваат штичка на нафуда-та и влегуваат во историјата.

Штичката едноставно значи: „Пламен во срцето што вечно ќе гори“!!!