Последниве две недели се крена голема прашина околу назначувањето на двајца буџинканци од соседните земји за шихани. Проблемот бил во тоа што тие од 5 директно скокнале на 10 дан.
Бев затрупан со едно чудо мејлови од моите пријатели од Србија, информирајќи ме за случката, но и прашувајќи ме што мислам јас за тоа.
Се покренаа и петиции за забрана за одржување на семинари за шиханите кои го направија чинот на доделување на звања преку ноќ како и неучество на нивните семинари.
Немав отворено интернет неколку дена и сабајлево повторно мејлови во врска со тоа. И истите прашања упатени до мене.
Ова нека биде одговор за сите бидејќи не сакам повеќе да си го губам времето со вакви играрии.
- Јас со години пишувам, критикувам и го оспорувам патот по кој организацијата се движи. На тоа добивам одговори дека „ништо не разбирам“, „тоа е специјална тактика“, „кој си ти да кажуваш и критикуваш“ итн. Јас останувам на мојот став. Организацијата нема никаква контрола за квалитетот, ниту стратегија за успешен напредок и издигнување на стандардот. Никој не води евиденција за тоа кој, кога и кај кого положил односно никој не се труди да го проверува тоа.
Сите во Буџинкан го знаат ова за к0е што пишувам, но никој нема муда јавно да зборува за тоа.
И на крајот, ако на Вашето дете му купите пиштол и тоа убие некого, кој ќе биде повеќе виновен: Вие или Вашето дете?
- Смешно е кога некој преку ноќ ќе добие 10 дан. Дали Вие знаете што значи да се има 10 дан во некоја сериозна организација?
Ова особено е смешно за некој што знае како тие работи одат во Буџинкан. Но зошто сега сите ги обвинувате само тие кои што добија 10 дан (директно од 5)? И зошто јавно не излезете да искритикувате или да си дадете оставка од организацијата?
Јас ќе Ви одговорам. Затоа што сите ние некогаш сме скокнале или сме добиле звање кое што реално не го заслужуваме. Затоа што не секогаш сме полагале за тоа звање, туку ни било донесено од некого. Затоа што знаеме дека во организацијата и нема стандардна програма за полагање која би важела за сите подеднакво.
- Ова не го пишувам за да ги одбранам тие што добија 10 дан. Јас и немам никаква причина за тоа. И мене ми е смешно тоа напредување од 5 за 10 дан за една година.
Но размислете. Тие се веќе доволно казнети. Казнети се со тоа што се тотално екскомуницирани од сите збиднувања во своите земји. Казнети се доволно со тоа што сите им се изругаа за нивното звање. Казнети се со тоа што сите ги озборуваат по разни Форуми и слично. Казнети се со сознанието дека имаат 10 дан, а самите знаат дека тешко би излегле на крај со еден полупрофесионален борец. Казнети се со тоа што цел живот ќе должат некому и ќе го носат товарот пред учениците дека тие за една година скокнале пет дан-а. Тие ученици веќе потајно се сомневаат во целата организација (Буџинкан Доџо) и размислуваат за нејзино напуштање.
- Ве молам не ми праќајте повеќе линкови од дискусии на оваа тема. За мене таа е затворена уште пред многу години. Тоа што јас со години го зборував, Вие сега се обидувате да го обзнаните. Тоа што ТИЕ го направиле не е ниту ново, ниту пак се први и единствени. Сите ние заедно го уривавме со години угледот на нашата организација. Не е виновен само тој што прима звање, туку и тој што го дава истото. Впрочем, повторно ќе кажам, сите ние некогаш сме примиле звање кое што не сме го заслужиле. Мене воопшто не ме интересира оваа тема и повеќе не одговарам на вакви прашања.