Насоки

Многупати сум зборувал дека пренесувањето на традицијата оди во две насоки. Првата насока е важноста од кого ја примаш традицијата. Тоа значи дека не смееш да си дозволиш да бидеш дел од сомнителна, неквалитетна или нелегитимна традиција односно организација. Доколку твојот учител не излегол подалеку од границите на соседните земји, доколку и самиот тој соработувал со треторазредни мајстори или организации, немој да очекуваш некој квалитет.

Втората насока е кому ја даваш односно пренесуваш традицијата. Многу учители прифаќаат покани за одржување семинари во некакви сомнителни клубови и организации, од нелегитимни самопрогласени мајстори кои обесиле црн појас на половината и единствено што сакаат е да ја легализираат својата „дива“ работа. Доколку ти се нафатиш да им помогнеш да ја остварат целта, а секако, главната цел е да оствариш финансиски бенефит, тогаш не се разликуваш многу од тие кои те поканиле.

Досега, години наназад, сум ги одбивал сите такви покани за одржување семинари во сомнителни доџо-а кај сомнителни самопрогласени мајстори. Трпеливо чекам и прифаќам само покани од луѓе кои даваат надеж и ветување дека на чесен начин имаат желба да научат и да напредуваат во буџутсу.

Знам дека и моите долгогодишни ученици кои се уште чекорат по Патот, веќе размислуваат на сличен начин. И сигурен сум дека и тие би одбиле покана и понуда од некој што има доџо за „Которашин рју Аикитаиџутсу“.

Крај.