После толку години посветена работа со дечињата, доживеавме едно да се отпише од нашето доџо бидејќи не било ставено на списокот за полагање.
Не дека и досега немало обиди за „фаќање протекции“ или притисоци од страна на родителите, меѓутоа ете некако сме успевале да им објасниме, а тие да разберат, дека во „оваа работа“ не помагаат познанства и пријателства, а уште помалку уцени и притисоци.
Инаку познати ни се зборовите: „Ќе го отпишам моето дете, ако не биде ставено на списокот за полагање“, меѓутоа не сме дозволиле да подглегнеме на емоциите предизвикани поради ваков банален проблем.
Драги родители, не заборавајте со каква љубов и внимание се грижиме и ги воспитуваме Вашите дечиња. Не заборавајте со колкава посветеност ги пречекуваме на секој час. Не заборавајте колку се жртвуваме да ги направиме посреќни, позадоволни, поздрави. Не заборавајте дека тие се секогаш на прво место и дека ние доаѓаме и гладни и жедни само за да стигнеме на време односно половина саат пред тренингот. Сакаме секогаш да ги пречекаме подготвени и со раширени раце.
А за тоа, дали тие ќе полагаат или не, оставете не ние да донесеме проценка или одлука, бидејќи си ја знаеме „работата“. За разлика од многу компании, бутици, продавници и брендови кои се појавуваат и ги снемува, нашето доџо опстојува 22 години без ниту еден пропуштен тренинг досега. И за сето тоа заслужно е нашето не подлегнување на притисоците. Заслужна е нашата чесна работа. Ете, во тоа се разликуваме од другите.
Вие заборавате дека доколку на Вашето дете му дозволиме да полага за повисоко звање, а тоа не го заслужува во моментот, ние ќе оштетиме други дечиња. Вие заборавате дека кај нас се напредува со знаење и посветеност, а не со протекции и притисоци. Вие заборавате дека сите родители мислат дека нивното дете е најдобро и дека може повеќе и заслужува повеќе.
А што мислите, така ли ќе создаваме здрави генерации кои ќе ја извадат оваа земја од калта во која што се наоѓа? Зарем не знате дека кога Ве гледат како вршите притисок во нивна полза, Вие ги учите утре и тие да го прават истото? Не знаете дека од тука почнува и митото и корупцијата и калкулациите и тезгарењето и сите штетни појави кои се случуваат во нашата државичка?
Епа ние, драги родители сме поинакви. Можеби сме единствени, ама сме поинакви. Ние ги учиме Вашите деца на чест, на лојалност, на правдина. Ги учиме дека чесно мораат да се изборат за своите права, преку почитување на обврските. Ги учиме дека мора со труд и со работа да се добие соодветното звање односно положбата во доџото.
И на крајот, дали сте размислиле дека ако ние не бевме чесни, ќе дозволевме на сите дечиња да полагаат, бидејќи тоа најмногу би одело во наша корист???
За последен пат сакам да ве замолам. Дозволете им на децата да вежбаат во здрава и во чесна средина и самите со својот труд да си го заслужат секое звање и секоја диплома. Бидејќи само таквите дипломи имаат тежина и значење. Во секој друг случај, тие се обично безвредно парче хартија која можете да си ја испечатите во секое време.
Дозволете им да вежбаат за знаење, а не за звање. Второто ќе си дојде самото по себе. Парчето хартија со текот на времето ќе избледне или ќе се загуби, ама знаењето засекогаш ќе остане.
Доколку мислите дека вашите деца споро добиват дипломи во нашето доџо, тогаш запишете ги во друг клуб. Има такви инструктори кои за да заработат штанцаат дипломи на секои три месеци.
Ние не продаваме хартија. Ние даваме знаење и создаваме карактери. Не одбиваме ниту едно детенце и максимално се вложуваме да го извадиме максимумот од сите нив. Без разлика на талентот или способноста. Сите ќе бидат подобри од тоа што биле. А за таков напредок, кој е единственото мерило за успех, потребно е да не оставите да си ја работиме нашата работа онака како што и досега сме ја работеле. Вредно, посветено и чесно.
– Игор Довезенски, водач на Буџинкан Македонија