Саботата беше од оние денови кога мојот најдобар другар Вучковски ме покани да му помогнам во работата. Колку и да не го сакам градскиот ноќен живот, одвреме-навреме ќе излезам со него. Поради неговите патувања, се поретко се гледаме, па на овој начин успеваме да споиме неколку корисни работи во едно.
И така влегуваме во моментално најпопуларниот ноќен клуб во градов и наеднаш ме удира во лице силен смрад од цигари. И густа димна завеса. Не се гледа прст пред очи. Дишиш чад, издишуваш чад. А внатре 200 луѓе. Речиси сите со цигара в рака (секако, комбинирано со чаша алкохол пред себе). Смрди-труе. Корне.
Чекај малку, си помислив. Нели се уште е на сила законот за пушење? Нели е забрането да се пуши во затворени простории??? А оваа тука е целосно затворена, па дури и да сакат да најдат дупка во законот, како финтата со мушамите – нема да можат. Каде се инспекциите? Каде се тие кои треба да го спречат кршењето на законите?
И после во разговор со Ацо и со уште еден наш заеднички другар дознавам дека овој локал се отворил со доаѓањето на новата власт и дека газдите биле блиски со неа. И уште повеќе недоумици во мојата глава. Уште повеќе прашања!!! Зарем со доаѓање на секоја нова власт треба да се менуваат законите донесени од претходната??? Но дури и да е така, овој закон се уште не е сменет!!! А тоа значи само едно. Во оваа држава која самата не си ги почитува и спроведува своите закони, животот ќе тоне се подлабоко. Затоа што секоја успешна држава се темели на строгото почитување на сопствените закони.
Во истиот разговор дознав дека новата Влада сакала „да го врати животот“ во државата, па затоа им прогледувала на гадите на локалите меѓу прсти. Бидејќи претходните закони биле премногу строги, а Власта изрекувала големи казни за прекршувањето на законите.
Во каква држава живееме ние??? Дали има некој нормален тука??? Па секоја силна и средена држава е таква, токму поради строгото почитување на законите!!! Поради (екстремно) високите казни!!! Што мислите Вие, кога се воодушевувате на чистотата на Данска, како го постигнале тоа??? Па токму со високи казни и почитување на законите!!! Тоа е единствениот начин да успеете. Строги казни и закони кои ќе важат еднакво за сите. И нивна доследна примена. А што се постигнува вака? Дали знаете што се постигнува вака?
Ќе Ви одговорам веднаш. Секое непочитување на законите и секое популистичко прогледување низ прсти за да се ќарат ефтини поени кај гласачите (народот), значи директно уништување на иднината на својата земја. Таквата политика создава паразити и зависни безрбетници кои не се способни да преземаат акција за унапредување на благостојбата. А истовремено се создава апатична машинерија која чека да дојдат нејзините на власт за да можат да „живнат“ во следните неколку години. А краткорочните „живеачки“ неповратно ја туркаат Македонија кон дното на Европа. Се создава криминална елита и еден куп ситни разбојници. Криминалот почнува да цвета и секојдневно ќе читаме или слушаме на вестите за убиства или за грабежи. Бидејќи порака е јасна. Законите тука не се почитуваат доследно.
И сето тоа благодарение на непособните водачи на оваа држава. Едниот си замина, дојде другиот кој е надградена верзија на претходниот. И затоа си тонеме. И немојте да мислите дека ќе биде подобро. Ќе биде уште полошо. Уште посиромашни ќе станеме сега. Ќе го осетите тоа за кратко време. А подобро ќе им биде само на оние на кои им се дозволува да ги кршат законите. Како што им беше подобро на претходниците нивни кои беа паразитски закачени за чмаровите на претходната гарнитура. А народот? Ќе си ги чека се уште ветените 30.000 денари плата, гасификацијата на Скопје, прочистувањето на воздухот. И така чекајќи ќе помине животот во беда на уште неколку генерации.
Да, секоја следна власт е полоша од претходната. И овие ќе заминат и пак ќе дојдат старите и пак ќе биде уште полошо. Поради непочитувањето на законите. Поради ефтиниот популизам и додворувањето кон својата гласачка машинерија. Поради немањето муда да се каже НЕ. Поради поданичкиот однос кон странските амбасадори. Поради тоа што сме кукавици. Поради тоа што вакви-какви што сме, не заслужуваме своја држава. А веќе и ја загубивме. Одамна немаме едно знаме, едно име, еден јазик, една црква. Ние сме поделени во секој поглед. Разделени на мали парченца кои е лесно да ги столчиш преку ноќ. Да им ги менуваш и законите и традициите и јазикот и имињата кога и да посакаш. А тие мирно и со наведнати глави ќе си ќутаат и ќе си пушат (цигари).
Повторно некој ќе рече дека си го прекршувам зборот дека на овој блог нема да се пишува за политика. Не другари. Ова не е политика.
Ова е директно уништување на здравјето на нашите поколенија. Дали знаете колку наши соборци работат како келнери во кафулињата? Дали знаете колку чад внесуваат во своите бели дробови секојдневно за време на својата работа? Дали знаете дека Македонија е меѓу првите во Европа по бројот на болни од канцер?
Впрочем почнавме за непочитувањето на закоконот за пушење, нели?
Епа го испушивме! Повторно! И по Режимот – Режим. Нов. Ама со исти финти. Ако не ми верувате, прашајте ги тие 120 пи-ар џабелебојадци кои се начукаа длабоко во дебелите црева на властодржците и кои демнат кој што ќе напише на Фејсбук. Во време кога народот гладува, тие „работеле за унапредување на транспарентноста на работењето на Владата“???
БЕДОТИЈА!!!