„Плодете се и множете се и наполнете ја земјата, и потчинете ја. Тие кои се многубројни, ќе ја наследат“. – Бог *
* Митски владетел на Универзумот
———————————
Имам едно правило во мојот живот. Не зборувам на тема „патриотизам“ со луѓе кои немаат повеќе од две деца. И точка.
Секако, тука не ги сметам оние кои од оправдани причини не можат или не смеат да раѓаат. Туку мислам пред се на оние себични луѓе кои не сакаат да си го нарушат сопствениот комфор и слобода, посветувајќи го своето време или своите средства на одгледување деца.
Секоја дискусија на таа тема со оваа категорија на луѓе е бесцелна. А честопати токму тие се „патриотите“ кои се лупат во гради, продаваат демагогија, се сликаат со знамиња во секоја прилика и критикуваат дека ја губиме државата. Па ја губиме нормално! Како мислите да ја задржиме? Кој ќе ја наследи?
Случајно пред некој ден на телевизија се појавува еден политичар од десничарска провениенција и раскажува како во неговиот град имало многу стари моми кои наместо деца за рака, шетале кучиња на ременче. А типот начукал четириесет и кусур и се уште неженет. Каква лакрдија!!!
Бадијала се сите тие изблици на љубов кон татковината, скандирања на натпревари, пеење патриотски песни, критикување на државата. Секоја изјава дека ние „сме немале национална свест“, а при тоа сте неженети или немате деца е прдење во шише.
Всушност Вие и воопшто нема потреба да ја сакате државата, ниту пак сопствениот народ. Вие само родете односно одгледајте три деца и сте направиле поголем патриотски чин од сите кои себе си се сметаат за родољуби. Бидејќи земјата ќе ја наследат тие кои се множат и кои се помногубројни.
Сите тие Ваши слики со македонското знаме, сите изблици на патриотизам, сите Ваши зборови ќе ги снема заедно со Вас еден ден. Ќе отидат во заборав низ ветрот. Дури и сите големи дела направени за оваа држава ќе се заборават или ќе бидат урнати еден ден од тие кои ќе ја наследат. Ќе остане само Вашето семе и Вашето поколение да сведочи за Вашиот патриотизам. Секако, доколку го оставите зад вас.
И сите закони за територијална поделба, за двојазичност, за можни федерализации и редефинирања во иднина ќе паднат во вода доколку Вие оставите пород што ќе ја наследи оваа земја. Бидејќи земјата не се брани со пушка, туку со деца. И тоа не со две, бидејќи правилото е јасно: „Двајца одат, двајца доаѓаат“. За множење и зголемување на народот потребни се најмалку три.
А има ли нешто поубаво и помило од сопствениот пород? Има ли повредно од рожба, од дечиња, кои ќе Ви возвратат многукратно на Вашата љубов? Ете, тоа треба да биде „светата должност“ на сите кои сакаат да зборуваат или се сметат себе си за патриоти. Се друго…..кажав погоре.
И на крајот да појаснам. Не поминуваат оние фори дека државата не ни овозможила услови за раѓање деца, дека е сиромаштија, итн. Не другари. Се додека ги полните кафаните, додека патувате низ светот, додека пиете алкохол и пушите цигари – ова нема да Ви се важи. Јас сум исчувал три. И знам дека единственото што треба за да се чуваат деца е МНОГУ ЉУБОВ и ОТКАЖУВАЊЕ од сопствените задоволства и навики. И ништо повеќе. САМОПОЖРТВУВАЊЕ. Тоа е вистинскиот збор. Прашањето е кој е спремен на тоа.