Време на Фејсбук демократија, лудило и хистерија

Живееме во времиња на Фејсбук демократија. Секој исфрустриран лик кој што поради свои лични убедувања или претензии нема симпатии кон вас, може да ве уништи и сотре за миг. Доволно е да ве исплука на ѕидот на својот профил, а потоа истата невистинита информација како магија ќе се прошири со молскавична брзина низ мрежата. Се разбира, колку лагата е посензационалистичка, толку брзината на распростанување на истата ќе биде поголема.

Таквите лажни обвинувања без докази веќе станаа стандард и ги гледаме и читаме секојдневно. Тоа што плаши е што никој не се обидел барем да размисли пред да ја прочита, лајкне или сподели информацијата: дали има вистина во неа?

Утрово еден од моите ФБ пријатели споделил информација дека обвинетиот за тероризам Борис Дамовски побарал од судот да се брани од слобода, а веднаш под самата информација некој лик коментирал: „Море нека скапе во затвор, убаво му беше кога лапна од државата 700.000 евра“. Потоа на ова веднаш се налепија сезнајковците кои лицитираат со некакви си добиени пари од државата (за филм кој никогаш не бил снимен), па така цифрата стигна до 2.000.000 евра. А јас сум убеден дека такви пари за таков филм, дотичната особа никогаш не добила. Меѓутоа, веќе се е доцна. Го обвинија, го осудија и го жигосаа човекот без при тоа да го прашаат, разговараат, а да не зборуваме да изнесат некакви докази против него пред јавноста.

А вакви ситуации има секојдневно. Една таква лавина од обвинувања и осуди неодамна имаше и за водичот на планинарското друшто „Трансверзалец“, Зоран Костадиновски – Москито. Тој беше толку силно „исплукан“ од сезнаечките експерти, што како што дознав од негови лични пријатели, човекот бил на работ на нервен слом. Замислете, без воопшто да ја познаваат ситуацијата, „експертите“ кои што никогаш не стапнале на планина, го осудија и уништија животот на човекот кој планината ја познава како својот џеп.
Со најголема жал за загубените животи на Калина и Александар, сигурен сум дека Москито дал се од себе за да ги извлече од ситуацијата во која што се нашле. Но тоа што „фејсбук експертите“ не го знаат, е бројот на спасени животи од страна на истиот тој човек што така немилосрдно го исплукаа.
И што сега? Неговиот углед засекогаш е уништен од страна на сезнајковците кои никогаш не стапнале на планина. Од тие кои воопшто не го ниту познаваат Москито.
Секако, можам целосно да ги разберам родителите на загинатите кои поради огромната болка изрекоа сомневања и обвинувања кон Костадиновски. Нивното страдање е толку големо, што тие се спремни на се за да ја дознаат вистината. Но што е со сите други кои даваа експертизи и го „решаваа случајот“ удобно залегнати во своите меки фотељи? Дали некој од нив помисли дека животот на Москито е веќе уништен? Ниту една тужба за клевета која сигурно би ја добил повеќе нема да го испере неговиот образ, извалкан безобзирно без никаков доказ.

И сега додека сите ликуваат и навиваат државата да го суспендира планинарското друштво „Трансферзалец“, никој не се запрашал што тој клуб има направено за илјадници млади луѓе кои спасот од загадениот град го нашле во мирот на планината. Никој од плукачите не ја почуствувал слободата што природата ја дава. И најважното од се!!! Секој вистински планинар ја знае моќтта на планината и дека самото искачување на неа може да биде опасно. Всушност, ние сме нејзини гости и мораме да ги почитуваме нејзините правила. А планинарските друштва не се „војничка чета“ па да можат некому да наметнат насила дисциплина. И на крајот, тој што сака да ужива во планината и во нејзините врвови, ќе замине ако треба и сам да ја искачува.

Оставете ги клубовите нека си работат. Колку повеќе луѓе во природа, толку повеќе здрави генерации (граѓани) во државата. Наместо да ги стимулирате да работат, вие навивате да се затворат.

Но ете, живееме во време на Фејсбук демократија, лудило и хистерија и секој може да напише што сака без трунка страв дека ќе одговара за напишаното. Секој може да уништи нечиј живот со неколку потези на прстите врз тастатурата. А најстрашното од се е што таа информација ќе се прошири со невидена брзина од страна на бедниците кои се ситаат додека нечиј живот пропаѓа. Ним им е важно само некој да биде осуден, обвинет, понижен и уништен. Само така нивната душа ќе ужива во фиктивната правда која единствено може да ги излечи нивните злобни души.

Живееме во време на Фејсбук демократија, лудило и хистерија. Војните почнаа да се водат со тастатура, преку медиуми и на зелени маси. Чесната борба гради в гради со соочување на вештината и на аргументите веќе одамна е демоде. Битките почнаа да ги добиваат тие кои можат најдалеку да плукнат. За чесните нема повеќе место на овој свет.

Да живее Фејсбук демократијата. И не заборавај. Можеби ТИ си следната жртва.