Емоционални инвалиди: Трговија со човечки односи за личен комфор

Во современиот свет, Нинџутсу најчесто се замислува како боречка вештина која користи скриени оружја, тивки движења, сенки во ноќта. Но зад физичките техники, зад обуката на телото, стои нешто далеку помоќно: психолошката дисциплина. За вистинската нинџа, умот е најостриот меч, а психологијата – најсуптилната и најважна алатка за преживување, влијание и победа.

Нинџата мора да го чита човечкиот ум како отворена книга. Знаењето на говорот на телото, микроекспресиите, интонацијата, сето тоа се алатки за разбирање на намерите, стравовите и слабостите на другите. Во традиционалното Нинџутсу, ова се поврзува со „Ку но Сеиши“ – способноста да се процени личноста за неколку секунди и да се знае како да ѝ се пристапи.

Но тука не запира се’, нинџата знае и како да влијае: преку претстава, измама, стратегиско молчење, поставување прашања, користење на туѓи претпоставки против нив. Ова не е манипулација за лична корист, туку психолошка тактика во служба на мисијата.

Денес ќе објаснам неколку карактеристики на таканаречените емоционални инвалиди. Иако понекогаш знаат да глумат за да го прикријат својот „инвалидитет“, времето ретко работи во нивна корист, па порано или подоцна нивните карактеристики ќе испливаат на површината.

Емоционални инвалиди: Трговија со човечки односи за личен комфор

Во секојдневната динамика на меѓучовечките односи, честопати наидуваме на луѓе кои, иако на прв поглед функционираат нормално, во себе носат тивка, но длабока емоционална парализа. Тие се таканаречени емоционални инвалиди – луѓе кои не умеат или одбиваат да се поврзат длабински со другите, кои избегнуваат автентичност, ранливост и одговорност во односите. За нив, емоционалниот комфор е врвната вредност, па дури и кога таа цена подразбира продажба на блиските пријатели или на партнерот.

Овие луѓе често се водени од страв од конфликт, страв од губење контрола или од потреба да го одржат својот внатрешен свет стабилен по секоја цена. Кога се соочени со ситуации што бараат сочувство, искреност или соочување со болка, тие избираат да се повлечат, да ги минимизираат другите, или дури да ги жртвуваат. Тоа го прават поради неспособноста да се соочат со емоционалната реалност.

„Продажбата“ на другите може да биде во форма на издавање тајни, дистанцирање во момент на криза, негирање на болката на другиот, или рамнодушност во миг кога најмногу е потребна поддршка. Тоа е механизам на самозаштита, но истовремено и форма на морална равнодушност.

Во суштина, овие луѓе живеат во “функционален оклоп”, изградени навики и ставови кои им овозможуваат да не чувствуваат премногу, да не даваат премногу и да не ризикуваат премногу. Но цената ја плаќаат сите околу нив. Партнерите или пријателите стануваат потрошен ресурс во служба на нивниот мир, додека вистинските релации се жртвуваат на олтарот на привидната стабилност.

Парадоксално, истите тие личности честопати стануваат опседнати со еден поединец – некој што го доживуваат како закана за нивниот внатрешен баланс. Во нивната психа се создава слика дека тој човек нешто „има против нив“, дури и без конкретни докази. Опсесијата прераснува во тивка, но постојана потреба да му наштетат, да го дискредитираат или некако да го „симнат од внатрешниот пиедестал“ на перцепирана моќ. Таа фиксација всушност зборува за нивната внатрешна нестабилност, и потребата да ја проектираат внатрешната борба врз надворешна „мета“.

Емоционалниот инвалидитет не е болест што се гледа. Тоа е состојба која се чувствува, најчесто од оние кои се обиделе да љубат, да се приближат, да помогнат… и останале пред затворена врата.

А дали оваа состојба може да се смени и да им се помогне на емоционалните инвалиди? За тоа, во некоја друга прилика.

————————————————————–

Текстот го напишав за потребите на предавањето што ќе го одржам на работилницата што ќе се одржи следната недела во Франкфурт, а по покана на едно Здружение на граѓани за личен развој, од овој германски град.