Денес малку за отвореноста на нашето доџо кон ранливите групи или, ако употребам странски збор што е во мода (иако мене лично не ми се допаѓа) – инклузивноста.
Многупати сум зборувал дека Буџинкан Македонија е вистинско прибежиште за сите млади и возрасни на кои им треба поддршка, љубов, заштита, развој и семејство.


Што се однесува до диверзитетот, иако нашето доџо е познато по тоа што негува традиционални, патриотски и патријархални вредности, можеме да се пофалиме дека имаме најголем степен на разновидност на луѓе од сите останати клубови за боречки вештини во Република Македонија.
Се прашувате зошто?
Поради нашата искреност и желбата вистински да помогнеме таму каде што треба!
Да почнам по ред.
________________________________________
• Луѓе со попреченост
Во нашето доџо досега вежбале над педесет лица со попреченост, особено деца со аутистичен спектар. Толку сме познати по работата со нив, што стручни лица од медицинските центри во државата честопати им препорачуваат на родителите да ги носат децата токму кај нас на вежбање.
И тоа не е случајно. Речиси да не постои спортски или боречки клуб во државата што ги прима лицата со различен начин на развој и функционирање на мозокот.
Не само тоа – родителите често ни раскажуваат дека нивните деца биле грубо одбиени од страна на тренери во други клубови.
А ние? Сите тие деца што некаде ги одбиваат, ние ги прифаќаме и со сета наша сила се трудиме да го извлечеме максимумот од нив. И не само тоа, туку кон нив се однесуваме на ист начин како и кон сите други. Се шегуваме, ги потикнуваме тие да се шегуваат со нас. Ги критикуваме кога треба и ги учиме да прифаќаат критика со цел да бидат подобри.
Во ретки случаи, кога сметаме дека детето може да претставува опасност за себе или за другите, им кажуваме на родителите дека не сме во можност да помогнеме — но тоа се навистина ретки случаи.
Во најголем број, децата не само што се прифатени, туку и одлично напредуваат — во координацијата, рамнотежата, развојот на мускулно-скелетниот систем, како и во социјалните и комуникативните вештини.
Во моментов, во доџото имаме седум деца со аутистичен спектар кои одлично се дружат меѓусебно и со останатите ученици.
Се случувало, поради едно такво дете, да изгубиме десет други – поради себичноста на некои родители кои сметаат дека тие деца го нарушуваат мирот на нивните. Но ние секогаш сме избирале да му помогнеме на детето со попреченост, дури и по цена финансиски да ослабнеме и да го доведеме во прашање работењето на доџото, кое се самофинансира преку членарини со кои ја плаќаме закупнината на просторот.
(За работата со децата со аутистичен спектар ќе пишувам во друга прилика, со цел да ги мотивираме и останатите инструктори да ги прифаќаат.)
________________________________________
• Постари лица
Иако, за жал, ги нема многу, во историјата на доџото сме имале постари лица кои биле сами или напуштени од своите деца што заминале во странство.
Првото, срамежливо прашање секогаш гласи:
„Да не е срамота да вежбаме со децата тука? Сигурно сме многу стари за боречки вештини?“
По краток разговор им објаснуваме дека боречките вештини кои ние ги вежбаме не се спортска или натпреварувачка дисциплина, туку традиционален начин на психофизички развој – и дека токму поради годините би било одлично да почнат да работат на себе. За тоа, никогаш не е доцна.
Така, постарите лица си наоѓаат друштво, разонода, здравје и семејство во нашата средина.
________________________________________
• Сиромашни лица
Овие лица се моја слабост, бидејќи многу добро знам што значи „да се нема“.
Особено е жално што многу талентирани деца не успеале во животот само затоа што нивните родители не можеле да им овозможат повеќе.
Од друга страна, знам и многу разгалени деца што трошат пари на секакви глупости, само за да ги задоволат своите апетити што постојано растат.
Децата чии родители се невработени или имаат финансиски потешкотии, во нашето доџо плаќаат намалена членарина или се целосно ослободени од плаќање — и секогаш се добредојдени.
________________________________________
• Деца без родителска грижа
Ваквите деца целосно се интегрираат во нашето семејство. Им помагаме колку што можеме – преку згрижување, воспитување, донираме облека и спортска опрема за вежбање, и се трудиме да ги изведеме на вистинскиот пат.
Постарите ученици им се пример и се грижат за нив како постари браќа и сестри.
________________________________________
• Жртви на семејно насилство
Добредојдени се – за да ги заштитиме и да ги научиме самите да се заштитат од насилниците. Истовремено им даваме надеж дека можат да ја сменат својата сегашност и иднина, доколку храбро се соочат со животот и се посветат на личен развој.
________________________________________
• Сексуална ориентација
Ова е најинтересно од сè. Ќе објаснам накратко зошто.
Дали ви се верува дека во нашето патриотско, традиционално и патријархално доџо досега вежбале (или сè уште вежбаат) триесетина лица со хомосексуална ориентација?
Сигурно ќе се прашате како е можно геј мажи и лезбејки да вежбаат во доџо кое пропагира семејни и традиционални вредности. Едноставно е — ние сме искрени со нив, и тие го почитуваат тоа.
За разлика од многумина што во јавност зборуваат дека се целосно отворени и поддржуваат лица со различна ориентација, а зад грб зборуваат лошо за нив или се шегуваат на нивна сметка – ние тоа не го правиме.
Тие знаат дека единственото што бараме од нив е да не ги наметнуваат своите лични ставови или вредности над другите, и тука завршува сè.
Какви се нивните желби и чувства – тоа не нè интересира и не сакаме да знаеме. Сексуалниот живот е лична работа, и сè додека се држи во рамките на приватноста, е во ред.
Откако ќе почнат да вежбаат со нас, тие се прифатени и заштитени, и никој никогаш не обрнува внимание на нивниот приватен живот.
Како што реков погоре – секој може да прави во својата спална соба што сака, сè додека никого не повредува и не навредува.
Ние ги прифаќаме такви какви што се, тие не прифаќаат нас. Толку сме блиски што често знаеме да се пошегуваме едни со други и никој не се лути, бидејќи знаеме дека нема лоша намера.
Неколкумина од нив многупати ми имаат кажано:
„Сенсеи, иако си многу традиционален тип и конзервативец, те сакаме бидејќи си искрен и не работиш никому зад грб. Затоа сме членови на Буџинкан Македонија – тука нема дволичност.“