Современата анксиозност не произлегува од реална опасност, туку од внатрешна дезориентација. Живееме во време на лажни вредности, каде што се цени изгледот, а не суштината; брзината, а не смислата; вниманието, а не љубовта.
Она што стручно се нарекува chronic stress activation односно потреба од постојана возбуда на нервниот систем – денес е секојдневие. Луѓето живеат во постојана подготвеност за борба или бегство, иако нема вистинска опасност. Сето ова допринесува телото да се претвори во заробеник на сопствените мисли.
Сите ние сме под непрекинат притисок да бидеме успешни, интересни, совршени. Меѓу „можеш сè“ и „не вредиш ништо“, најлесно се губи природниот идентитет.
Се раѓа когнитивна дисонанца поточно судир меѓу внатрешните вредности и надворешните очекувања. Од таму доаѓа чувството на постојана анксиозност, нејасен немир, страв без причина.
Лажните пријателства, површните врски, трката по пари и слава уште повеќе придонесуваат да се создаде емоционална изолација. Парадоксот е очигледен: никогаш не сме биле толку многу поврзани, а никогаш толку осамени. Тоа е всушност она што во науката се нарекува social isolation amidst hyperconnectivity или болест на модерниот човек кој е поврзан со сите, но емоционално отсечен од самиот себе. За да биде уште полошо, системот ја поттикнува оваа состојба. Зашто анксиозниот човек е предвидлив, тој е потрошувач, зависен од потврди. Од друга страна, здравиот човек е смирен и не троши пари на глупости и непотребни задоволства, не се натпреварува, не се плаши. Затоа системот ја одржува културата на вештачка среќа и изглумена еуфорија.
Младите, пак, имаат нови форми на притисок. Да се биде постојано среќен станува нова форма на психолошко насилство. Не смеат да бидат тажни, заморени, несигурни односно не смеат да бидат нешто што ќе прави да изгледаат „нормални“. Во обидот да се изгледа совршено, се губи врската со вистинското „јас“.
Патот кон внатрешниот мир не е во контролата, туку во прифаќањето. Да престанеме да бркаме слика за животот и да почнеме да живееме. Да научиме да бидеме присутни, да не брзаме, да не мораме. Среќата не е цел, таа е ритам. Ритам на дишењето, на свеста, на љубовта кон себе и кон другите.
Затоа, не се обвинувајте доколку не се чувствувате добро. Тоа не е ваша вина, туку повеќе реакција на болниот свет околу вас. Бидете благи кон себе. Бидете свои, а не тоа што најблиските околу вас сакат да бидете. Зашто во време на лажни вредности, да останеш човек е најголемиот чин на храброст.