КОГА СРЕЌАТА ЌЕ ПОЧНЕ ДА ПРЕЧИ

Постојат моменти кога една врска не ја „убива“ ниту судбината, ниту уморот, ниту недоразбирањата – туку тивките „совети“ на оние што се претставуваат како добронамерни. Во психологијата ова се нарекува проективна контрола: обид луѓето да управуваат со твојот избор за да го заштитат сопствениот психолошки комфорт. Зашто, да не се лажеме, ретки се оние што можат да го поднесат туѓото вистинско цутење, особено кога самите одамна се откажале од своето.

Пријателите, роднините, познаниците… сите стануваат експерти кога ќе почувствуваат дека твојата среќа ги потсетува на нивната сопствена запоставеност. Тогаш почнуваат „грижливо“ да ти ја моделираат врската според тоа што ним им одговара, а не според она што е здраво за тебе. Таа динамика е стара колку и човештвото: човекот не му простува на другиот што е посреќен од него.

Имав една врска која со текот на времето стана силна и длабока како река што штотуку го нашла своето корито. И токму тогаш, кога таа жена конечно почна да го живее животот со достоинство и независност, како што отсекогаш заслужувала – најблиските се вознемирија. Не им одговараше нејзиното будење. Не им се допаѓаше што за прв пат почна да чекори со сопствени нозе, без да моли никого за дозвола. Наместо да ја поддржат, тие почнаа да ја туркаат да ја прекине врската – не затоа што имаа некакви аргументи, туку затоа што ги плашеше нејзината слобода.

Беше тоа жена која, откако се почуствува сакана, каде и да се појавеше, зрачеше со сила и убава енергија. Енергија што буди и мотивира. Но токму таа светлина почна да внесува немир кај луѓето околу неа. Зашто, кога живееш за туѓите очекувања, секоја искра предизвикана од вистинска радост станува болна потсетница за сопствениот пропуст да живееш автентично. А сосема е јасно дека ако никогаш не си дозволиш да бидеш среќен за себе, ќе бидеш вечен заложник на туѓата среќа.
Со текот на времето, како што нејзината желба да биде среќна и своја растеше под дејство на љубовта, се појави и едно противтежно влијание што ѝ создаваше дополнителен притисок. Поради разнишаната самодоверба, предизвикана од вмешувањето на најблиските, таа им дозволи на квази-психолошките текстови од социјалните мрежи, инаку инстант мудрости напишани за лајкови, да почнат да ѝ ја обликуваат мислата. Така жената почна речиси секојдневно да ми испраќа разни „поучни“ објави, полни со противречни ставови и декоративни фрази. Сакаше манипулативно да ме вовлече во светот на лажните морали и површните интернет-догми. Но јас никогаш не прочитав ниту една. Не затоа што сум тврдоглав, туку затоа што никогаш во животот не сум дозволил туѓи мисли, а особено не од блиските или пријателите – да ја замаглат мојата сопствена внатрешна ориентација.

Јас сум човек што секогаш знаел што сака. Со стабилен карактер што не дозволува одлуките да му ги кројат туѓи стравови, желби или суети. И тоа е лекцијата што денес сакам да ја споделам:

Кога врската е во криза, чувај се од оние што први ќе се јават да „помогнат“. Не секој совет е љубов. Некои се само прикриена потреба да те видат таму каде што ним им е удобно. А вистинската среќа секогаш бара храброст да останеш верен на себе, дури и кога целиот свет се обидува да те убеди во спротивното.