На работното место нарцисот ретко ќе го препознаеш по гласноста. Почесто ќе го препознаеш по тишината што те тера да се сомневаш во себе.

Тој или таа влегува со насмевка, со културен тон и со речник полн со „добри намери“. Во психологијата ова се нарекува маскирана грандиозност – надворешна смиреност зад која стои силна потреба за контрола и надмоќ. Колку е поелегантна маската, толку е подлабока празнината.
На состаноци ќе забележиш суптилни убоди: коментар што звучи невино, но подоцна остава трага на душата. Пасивната агресија е омилен јазик на нарцисот во работната средина, бидејќи му овозможува психолошка доминација без отворен конфликт. Ако реагираш, проблемот си ти. Ако молчиш, тогаш тој победил.
Нарцисот не поднесува колеги со автономија. Луѓе што имаат став и стабилност. Во организациската психологија ова се гледа како закана за неговото лажно јас односно конструкција што се храни од надворешно одобрување. Затоа, компетентните и тивки професионалци често стануваат мета, не затоа што грешат, туку затоа што не се покоруваат.
Ќе забележиш и чудна динамика меѓу колегите. Информации што „случајно“ се пренесуваат, недоречени приказни, тивко создавање табори. Тоа е класична триангулација – манипулативна техника со која нарцисот ја одржува контролата преку поделба и конфузија, додека самиот се прикажува како разумен и мирољубив.
Емоциите, кај него, не се доживување туку алат. Навреден поглед, ненадејна тишина, контролирано „жртвување“, често жалење дека тој премногу работи за разлика од другите. Сè е во функција на моќта. Во клиничката психологија ова се поврзува со дефицит на емпатија и високо развиена способност за когнитивна манипулација.
Кога ќе престанеш да му служиш како извор на внимание, нарцисот влегува во следната фаза. Повлекување на поддршката, студена дистанца, суптилно рушење на твојот углед – бара начин како да ти го загрози работното место. Нарцисот ретко напаѓа директно, тој напаѓа преку системот, затоа што таму репутацијата е валута.
И секогаш, ама секогаш, тој е жртвата. Во неговиот наратив никогаш нема лична одговорност. Хаосот е „погрешно сфатен“, конфликтот е „предизвикан од другите“. Ова е класичен механизам на проекција – сè што не може да поднесе во себе, го гледа во другите.
Најјасно ќе го препознаеш во моментите кога мисли дека никој не го набљудува: во коментарите по состанок меѓу неговите поддржувачи, во љубоморниот поглед кога некој друг добива признание, во тишината што следи после секој твој успех.
Нарцисите на работното место не се секогаш токсични на прв поглед. Тие се токсични на долг рок. И затоа, најздрава стратегија не е да ги победиш, туку да ги препознаеш навреме и да се заштитиш за да си ја зачуваш психолошката стабилност.