Во моментов ги живееме тие времиња кога човекот има сè – освен себе. Никогаш не сме биле поврзани повеќе, а никогаш не сме биле подалечни еден од друг. Секојдневно разменуваме зборови, реакции, фотографии, мислења, но сè поретко разменуваме тишина, поглед и вистинско присуство. Бучавата стана нашата нормалност. А тишината – непријатност.
Современиот човек не страда од недостаток, туку од преголемост. Премногу избори. Премногу информации. Премногу можности да бидеме „нешто друго“, а сè помалку храброст да бидеме тоа што сме.
Кога вниманието е постојано распарчено, душата нема каде да се вкорени. А човек без вкоренетост почнува да живее површно и како да лизга по сопствениот живот, без вистински допир со него.
Не се изморуваме само од работата. Се изморуваме од постојаното споредување. Не нè уништува реалноста. Нè исцрпува обидот да живееме повеќе животи одеднаш. И тоа почесто туѓи.
Во таква состојба, желбата се губи. Не затоа што човекот престанал да сака, туку затоа што престанал да чувствува смисла. А без смисла, и најголемата слобода станува празнина.
Човекот не е создаден за бескрајна стимулација. Создаден е за вистинска љубов со значење. За однос. За реален допир што трае подолго од една секунда. За разговор во кој не мора да се докажува. За живот што не мора да се прикажува. Колку повеќе се обидуваме да стигнеме секаде и да бидеме видени од сите, толку повеќе стануваме невидливи за самите себе.
На крајот, не ни треба уште еден екран. Ни треба прозорец да видиме кои сме и што сме. Не ни треба уште една информација. Ни треба човек со кого ќе можеме да споделуваме. Не ни треба уште еден контакт. Ни треба вистински однос.

Неколку совети за сите <3
1. Toa што постојано го гледате, почнуватe да мислите дека е живот – затоа внимавајте што внесувате во свеста.
2. Вистинската блискост не се создава со достапност, туку со присуство.
3. Човек може да има илјада врски и да не биде поврзан со никого, па дури ни со себе.
4. Мирот не доаѓа кога ќе добиеш или оттурнеш сè, туку кога ќе избереш што е навистина твое.
5. Смислата не се наоѓа во брзината, туку во длабочината.
6. Понекогаш најхрабриот чекор е да се исклучиш, за повторно да се вклучиш во сопствениот живот.
А животот, колку и да звучи едноставно, сè уште се случува таму каде што има внимание, топлина и вистински човек спроти нас.
– Игор Довезенски