Писмо од Тина

Колкупати, кога сте ми побарале книга или некаков материјал што ќе Ви помогне да ги научите јапонските зборови кои ги слушате на тренинг сум Ве одбил? И секогаш со исто образложение: „Имињата на катите и техниките ќе ги научите доколку доаѓате редовно на тренинг. Дајте си време и на тој начин самите ќе „Ви влезат“ во глава, а потоа нема никогаш да ги заборавите. Нема ниту да го забележите моментот кога се ќе Ви се разјасни“.
Не сакам учење на памет. Сакам учење со памет.

Писмото:

Мора да помине време за одредени работи. На пример, многу ми е интересно како во текот на денот ” од нигде никаде” ти пролетуваат низ глава одредени термини и зборови, како на пример торите гохо, или, аши бараи, или мае/уширо, омоте учи. Дури и на сон, убав сон. На пример, сега никогаш нема да заборавам како се прави гансеки наге, исто така и веднаш ќе знам на што се мисли, затоа што “увото се навикнало”. Некако од тотален хаос, од темница на зборови, почна мозоков да прави “фолдери” на јапонски. И во периоди кога некако се е на климави нозе, во периоди кога се јавува мрзеливост за се друго, во периоди кога по малку се загубуваме себеси, Буџинкан е она кое ме враќа на нозе, кое со задоволство го правам и учам, за кое не ми се важни сите модрици, рани и напукнатини, за кое сета смрдеа од пот и цела жештина станува поднослива, а секој ден станува задоволство, а не обврска. Некогаш имам чуство дека тука сум многу повеќеод година и пол- две колку што реално сум, а некогаш се чуствувам како да сум само неколку месеци. Го ценам твојот напор и твојата енергија вложена во се ова, наречено Буџинкан Македонија, го ценам твоето трпеливо објаснување, исто така , се радувам што ќе бидам присутна на волку убав настан, како што е годишнината која ни претстојува. Имај убав ден сенсеи, извини ако те прекинувам во било што на работа, но имав моментална инспирација да споделам со тебе пар мисли.Се гледаме вечер. Поздрав 🙂

п.с. Писмото е објавено со нејзина дозвола. И понатаму секое Ваше барање за дискреција останува за мене врвен приоритет.