Шодо (Начин на пишување)

Пред еден месец земав четкичка в рака. Го ставив белиот лист пред мене, ја нурнав четкичката во мастилото, ги затворив очите, го избистрив умот, а потоа без здив повлеков неколку линии врз хартијата. Кога ги отворив очите бев зачуден од едноставноста и убавината на тоа што го напишав.

„Од прва рака добро излезе. Тоа може да значи само едно. Време е да почнам да вежбам Шодо“

Од тогаш помина еден месец. Секој ден запишувам по едно канџи. Јас немам учител за Шодо. Самоук сум. Како и за се друго што се обидувам да направам, го користам моето искуство во боречките вештини. Движење на раката (те сабаки), Мушин (без свест), Ритам (Ритсудо).

Многупати сум зборувал за важноста на уметноста при развитокот на секој воин. За да бидете комплетни (Татсуџин), треба покрај тренингот во боречките вештини, да одберете и усовршувате некоја уметност. Не е важно која. Поезија, сликарство, инструменти, пеење, фотографија, резба, вајање, итн. Се што може да Ве оплемени, што може за миг да ви го исчисти мозокот, да Ве опушти, да Ве пренесе во друг свет. Се е тоа добро. И секој од нас има талент барем за некоја уметност. Па и да нема, со малку труд ќе почне да развива. Важна е упорноста.

Шодо е јапонска калиграфија или уметничко пишување на знаците на јапонскиот јазик. Главно постојат три стила на пишување и јас ги вежбам сите три истовремено (Каишо, Гјошо, Сошо).

Врз развојот на Шодо големо влијание имал зен будизмот. Но и обратно. Шодо имал големо влијание врз зен будизмот.

Тоа е медитација преку пишување.