Бог во својот мал свет

Искуството кажува дека има две варијанти како да станете Бог во својот мал свет (кој егзистира само во вашата глава).

Првата варијанта започнува со зголемување на апетитите, потикнати најчесто поради алчност, самобендисаност и желба за пари или слава или внимание (некогаш и сите овие комбинации заедно). Оваа варијанта има две подваријанти.

Се почнува во некој клуб, каде што на почетокот вежбате редовно и почнувате да му се упикувате на инструкторот под кожа. Љубезни сте, не пропуштате тренинг и одлично напредувате со вашата техника. Инструкторот постојано ве фали дека сте најдобар, создава доверба кон вас и почнува да ви препушта дел од работите во клубот. По некое време, неговото фалење дека сте најдобар го сфаќате како да сте подобар и од него самиот. Почнувате да летате во облаци и верувате дека никој повеќе не ви е потребен. Само небото е лимит за вас. Барате некој да се поврзете, некој што ќе ве потурне, но можете и без некој таков. Заминувате од клубот, отворате свој клуб каде што вие ќе бидете главен, но најчесто не успевате. Без дополнување (апдејтување) на вашето знаење, а бидејќи сте заглавиле на некое ниво (а секогаш ги има повеќе), вашата техника стагнира, но вие не го забележувате тоа. Сепак, важно е дека останувате главен во вашиот мал свет без разлика што имате само тројца ученици сосе вас (од кои едниот ви е прв братучед).

Втората подваријанта оди вака. Вие сте нередовен на тренинг, мрзелив, не сакате да осетите болка, ниту пак многу ви се паѓа на земја. Џунан ундо правите со мака, а тоа што секој час мора да почне со џунан таисо ве убива. Инструкторот ве прекорува поради сите овие работи, а вие во себе го пцуете и му викате „кој те ебе“. По некое време нетрпението станува толку големо, да почнувате да правите планови како да се поврзете со некој што не го сака вашиот инструктор, а поради тоа што и тој самиот е нередовен на тренинг, мрзелив, не сака да осети болка, ниту пак многу му се паѓа на земја. Џунан ундо прави со мака и тоа што секој час мора да почне со џунан таисо го убива. Но тој си купил дипломи од некој друг Бог во својот мал свет и попрво се снашол на истиот начин на кој планирате и вие да го сторите тоа. Потоа станувате негов ученик, кажувате дека тој е најдобриот учител на целиот свет, му се упикавате длабоко у шупак и тоа трае се додека на лесен начин ги добивате дипломите и вниманието од него. Со тек на време тој инсистира се повеќе да одите на неговите семинари за да може да лепи фотки на Фејсбук и да покажува како има ученици низ целиот свет и на тој начин да се надева дека цената ќе му скока и понатаму. Но, во моментов кога ќе заглавите со него и нетрпението ќе почне да расте, вие почнувате да барате нов Бог кој ќе ви помогне побрзо вие самите да станете Бог.

Втората варијанта е малку пософистицирана. Бидејќи не ве бива во вештината што ја работите (а ниту во било која, а сте пробале многу), односно не можете набрзина да станете Бог во својот мал свет (или вашиот мал свет ви е премал), си одите во Суд и си регистрирате „Светски сојуз на јапонските боречки вештини“ или нешто со наслов „Балканска федерација на боречките вештини“ и слично. Потоа луѓето кои не знаат дека во Судот ќе ви регистрираат се што вие ќе посакате во однос на името на организацијата (Нив им е важно само да не се повторува името со некој друг правен сујбект), ќе се „акаат“ од земја завидувајќи ви дека вие сте Бог на една таква светска федерација. Следниот чекор е да се наименувате за Соке (или некоја друга звучна јапонска титула). По ова следат зачленувања во организацијата од други губитници кои сакаат набрзина да станат Богови во својот мал свет, а им треба потврда дека припаѓаат на некоја организација. Е сега веќе лесно се лаже народот (па дури и државните органи) дека вие сте почитуван мајстор кој припаѓа на „Светскиот будо совет“ или слична организација. И конечно, вие станавте Бог во својот мал свет.

п.с. Сите овие примери се случиле и во нашиот клуб, а ќе се случуваат и понатаму. Да не зборуваме за примерите кои се случувале низ светот. Знаете колку лузери имаат самопрогласена титула на соке, канчо, ханши, шихан или слично и се водачи на федерации со звучно име?

 

Бог во својот свет (сите тројца се Соке-иња)

Бог во својот свет