Априлилили

„Вечерва ќе вежбаме техники од школата Јагју Шинган рју. Инаку, тоа што малку е познато е дека јас сум шихан за оваа школа“

Токму вака го започнав вчерашниот тренинг, меѓутоа не издржав до крај, бидејќи почна да ми станува смешно кога забележав како неколку ученици почнаа ширум да ги отворат очите изразувајќи воодушевување од тоа што го слушаат. Во истиот момент гласно се насмеав и изрецитирав „априлилили“. На овој начин, симболично го одбележав денот на шегата.

Многу наши членови слично го одбележаа првоаприлскиот ден. Ете, неколку во текот на денот ме известија дека нема да можат да дојдат на тренинг поради најразлични обврски и причини. И ниту еден од нив не ми кажа дека ќе отсуствува бидејќи сака да излезе „во град“ маскиран или да оди на забава со своето друштво. Можеби приказната со обврските беше нивниот начин да ме насамарат за први април? Можеби помислија дека нивната лага е успешна?

Да не се разбереме погрешно. Јас воопшто немам против свечено одбележување на „априлијадата“. Иако никогаш во животот не сум се маскирал во вакви прилики, отсекогаш ми биле забавни маските што другите ги носеле на себе. Јас воопшто не си земам за право некому да сугерирам дека треба да дојде на тренинг, наместо да излезе некаде и да се забавува.

Но сакам да зборувам за моментот на доверба и за моментот на чесност. Моментот кога ќе слушнам: „сенсеи, јас вечер нема да дојдам на тренинг, туку ќе одам во град бидејќи има маскенбал“. Тоа сакам да го слушнам. Не е важно дали јас ќе го оправдам тоа и што ќе помислам. Важно е што довербата ќе биде задржана и што и понатаму ќе верувам на секој Ваш збор, бидејќи една искажана лага, засекогаш фрла сомнеж на сите вистини кажани потоа.

Во овој текст нема ниту ронка лутина или гнев. Полупразното доџо не беше причина да си поминеме фантастично на вчерашниот тренинг. Овој текст сака да појасни дека подобро е да се биде искрен и да се изгради здрава врска со учителот кој на секој можен начин се обидува да Ве потикне да се подобрите на секое поле од животот.

Бидејќи една лага засекогаш фрла сомнеж на сите вистини кажани потоа.

Април пројде, шамар дојде.