Пред 490 години, поточно на 18-ти февруари во 1530 година, роден е Уесуги Кеншин. Тој е запомнат како еден од најмоќните и нај импресивни Даимјо на периодот Сенгоку Џидаи. Меѓудругото, Кеншин е познат и како еден од најсериозните противници на напорите на Ода Нобунага за превласт во Јапонија. Уесуги Кеншин се родил како четврт син на Нагао Тамекаге. По смртта на неговиот татко и борбата за власт помеѓу неговите браќа, што довело до смрт на еден од нив, Кеншин на седумгодишна возраст бил испратен во храм. На 14 годишна возраст, верните придружници на неговиот татко го замолиле да го смени неговиот брат, кој што бил сметан за лош администратор и неспособен водач. Во 1547 година Кеншин односно Кагетора како што бил нарекуван, го протерал својот брат и продолжил успешно да владее со земјата која што била освоена и наследена од неговиот татко.
Познат како „Змејот од Ечиго“, Кеншин е запаметен и по неговото долгогодишно ривалство со соседниот Даимјо – Такеда Шинген. Кеншин и Шинген се судриле пет пати кај полето Каванакаџима, од кои што четвртата битка (во 1561 година) биле најкрвава од сите судири. Во историјата се изучува како „Битката за Каванакаџима“. За време на судирот, Уесуги Кеншин качен на коњ се пробил до главниот воен штаб во кампот на Такеда Шинген и лично се судрил во борба со својот непријател. Седнат на своето камперско столче, Шинген ладнокрвно со својата командна палка (лепеза) ги изблокирал сите напади со меч на Кеншин, при што на неговата лепеза биле зачувани дури седум засеци од катаната на противникот.
Во 1573 година, гласниците го известуваат Кеншин за смртта на Такеда Шинген, при што тој почнал да плаче на сиот глас, жалејќи ја загубата на достоинствениот и благороден противник.
Кеншин исто така останал запомнат и по неговите брилијантни воени вештини, но и по неговиот чесен однос на бојното поле (но и надвор од него). Меѓутоа, по смртта на неговиот голем ривал Такеда, почнал многу да пие алкохол.
Овој брилијантен генерал на неколкупати се обидувал да го порази Ода Нобунага. Тој ја победил неговата војска во 1577 година, при битката на Теодоригава, а потоа спремал уште неколку кампањи, меѓутоа уште пред почетокот на акцијата добил мозочен удар (9 април, 1578 година). Четири дена подоцна починал.
Иако во официјалните записи за неговата смрт се наведува мозочниот удар кои наводно бил предизвикан поради рак на стомакот, многумина верувале дека врз него бил извршен атентат од страна на Нинџа кој се криел под тоалетот и го прободел низ дебелото црево со кратко копје.
Како и да е, посмртната поема на Уесуги Кеншин засекогаш ќе остане:
四十九年一睡の夢 一期の栄華一盃の酒
„Четириесет и девет години минаа како сон во ноќта. Величенственоста на Животот изчезна како чаша саке“.