Свесност за ракот (канцер) / ментални промени за време на болеста

Секој што имал близок човек болен од рак се соочил со сите промени што се случуваат за време на борбата со болеста, која за жал најчесто завршува фатално. Тие промени не се однесуваат само на болнииот, туку и кај луѓето од семејството што се грижат за него. Напредувањето на болеста носи страшни последици на физичко ниво, но овој пат нема многу да се задржувам на нив, туку повеќе на менталните промени, бидејќи чудовишната болест ја менува свеста целосно и кај болниот, но како што веќе напишав и кај најблиските луѓе околу него. И сите овие промени не може никој да ги разбере, освен тие кои веќе го поминале истиот пеколен пат. Ќе се обидам во фази и преку примери да ја подигнам свесноста кај сите, бидејќи се додека болеста не затропа на нечија врата, ниту од далеку не може да се претпостави за каков монструм станува збор. Ќе почнам од првата фаза.

1. Збунетост

Ова е првата фаза кога болеста се уште не е потврдена, меѓутоа нешто навестува дека нема да оди ситуацијата на добро. Тука се одвиваат многу прегледи, при што секојдевните посети во болниците стануваат рутина, а почнувате да се навикнувате полека на таа неубава атмосфера. И кај болниот и кај блиските веќе се чувствува мал страв од неизвесноста, почнуваат првите несоници. Прегледите честопати се болни (земање крв, гастроскопии, колоноскопии, итн.). Свеста почнува да се менува.

2. Сомнеж

Веќе се добиваат првите резултати и почнува сомнежот околу истите. „Како може човек до вчера здрав, денес да биде болен од рак?“ И тука почнувате да одите кај различни лекари-специјалисти во разни болници да барате второ, трето мислење. Кога сите на крајот ќе го потврдат истото, кај болниот се уште постои сомнеж, додека кај блиските се јавува лутина измешана со бес и очај. Се трудите на болниот благо да му ги соопштите вестите и да го соочите со реалноста, но тој се уште се сомнева во наодот.

3. Надеж

Ова беше доста болна фаза, особено во нашиот случај. По соочувањето со реалноста, болниот почнува да се фаќа за сламка и да се надева дека ќе се најде некој да му помогне. Кога ние дознавме, татко ми веднаш ми рече да контактирам една личност кој што тој многу ја сакаше и да и соопштам, надевајќи се дека таа ќе најде некаков начин да му помогне. Во тие моменти таа личност беше на службено патување во прекуокеанска земја и кога му го кажав тоа, татко ми рече: Абе ти само кажи и, таа ќе го фати првиот авион и ќе долета веднаш за мене. Знае таа колку многу ја сакам и ќе дојде и ќе ми помогне. Што е една авионска карта за неа, кога знае дека ја сакам како да ми е ќерка.
Го послушав, иако против своја воља и ја известив. Откако видов дека нема шанси да се исполнат очекувањата на татко ми, побарав да слушнам барем еден убав збор. Но ниту тоа не го добив.
Надежта во борбата со ракот, може многу да ги разочара и да ги ослабне ментално и болниот и здравите. Оваа случка кај мене создаде горчина, но за чудо татко ми не замери ништо.

4. Соочување и борба

Ова е фазата кога болниот директно се соочува со болеста и се фаќа во борба. Тој бара што побрзо да се направи операцијата и храбро вчегува во клинч. Бара од блиските да му обезбедат лекар кој што ќе го оперира и кој со сигурност ќе му помогне. Тука почнуваат потрагите по најдобрите лекари и обезбедување термин колку што може побрзо да се изврши операцијата. Ниту самиот не сум свесен колку луѓе ангажирав и од кои се не места му се јавија на единствениот лекар кој се нафати да ја изврши операцијата. Кога прв пат се видовме, веднаш ми кажа: „Аман бе Игор, не знам што работиш ти, но за една недела над 30 луѓе од судови, полиции и здравство ми се јавија за да го вметнам татко ти во термин“.
И така и беше. Претходно само за една друга работа сум ангажирал толку луѓе, но бидејќи таа успешно ја завршив, бев сигурен дека ќе успеам и во оваа.
Истиот ден кога добивме термин отидов кај еден другар кој е гастро-специјалист и го прашав дали со операцијата ќе избегаме на смртта. Тој ми кажа вака: „Игор, ова е истиот тип на карцином од кој почина најбогатиот човек на светот, Стив Џобс. Кога него не го спасија, а плати милионски суми и ги ангажира најдобрите лекари на светот, дали мислиш дека кај вас ќе биде различно? Парите навистина помагаат да се остане здрав или да се излекува некој човек од канцер, но тоа се ракови на гради, матки и слично. Во вашиот случај, нема ништо да помогне“.

И оваа информација нежно му ја соопштив на татко ми, но тој не прифати и инсистираше да се оперира што побрзо, бидејќи влезе во следната фаза: Инат.

5. Инат

Иако самиот по себе инатот е лоша особина, според нашата вештина (Нинџутсу) може да биде корисна само во случај кога станува збор за борба за преживување. И кај татко ми токму тоа се случи. Го фати инат и желба да се бори до крајот.
Операцијата помина како што помина и првите денови добивме некој зрак надеж, бидејќи полека почна да станува на нозе. Но тоа не траеше многу долго….

6. Лутина

Како што времето минува, а ситуацијата не оди многу на подобро, почнува да се јавува блага лутина. Мојот татко беше лут на лекарот и на персоналот, бидејќи сметаше дека не се грижат најдобро за него. Особено откако почна да крвари при секое одење во нужда. Е тука би сакал да се задржам на една многу важна работа, која треба сите да ја знаат, Ако сте во болница и оставени персоналот да се грижи за вас, не очекувајте многу. Кој би сакал да чисти туѓ измет??? Ќе ве поминат со крпа реда ради и ќе скапувате во инфекции на кожата која ќе ви стане црвена и ќе почне ужасно да ве чеша. Затоа земавме апартман во кој ќе може и мајка ми да биде со него и да се грижи и тука веќе се виде најважната работа во животот на секој човек. ЉУБОВТА!!! Бидејќи ако сте сам и без партнер кој вистински ве сака, ќе бидете оставени на милост и на немилост на болничарите, на кои тоа им е рутина и негата ќе ви биде сведена на формалност. Но затоа, мојата мајка која цел живот го сакаше татко ми со неверојатна страст и почит, не го остави нуту еден миг без грижа. Нејзината жртва во целиот случај беше дури за неверување.

7. Понижување

Како што промените на физичко ниво напредуваат (губење сила, неподвижност, крварење, зависност за јадење, тоалет и хигиена), така болеста го напаѓа достоинството на најсуров начин. Ова кај татко ми беше најжалното нешто, бидејќи тој отсекогаш беше перфектно педантен човек. Секогаш чист, намирисан, бричен, дотеран, а сега наеднаш зависеше од други околу хигиената. Бараше да го бричиме, постојано да го чешламе, да биде облечен во чисто, а тоа кај неподвижен човек е многу тешко. Но и тука љубовта од страна на најблиските, особено од мајка ми дојде до израз и се потрудивме достоинството да му го задржиме колку што можеме повеќе.

8. Сарказам

Ова беше начудната ментална состојба во која западна татко ми, од причина што тој никогаш не бил саркастичен кон никого. Но овој монструм од болест, направи да ја помине оваа фаза.
Во неговиот случај, тој почна да губи доверба и да мисли дека го лажат луѓето кои најмногу ги сака. И тоа од психолошка гледна точка е поради фактот што татко ми никогаш не лажел и секогаш бил искрен и директен и така очекувал и од другите да бидат кон него. И токму затоа почна да станува саркастичен секојпат кога ќе се посомневаше во некого.
Последните месеци секојдневно бевме околу него и речиси се преселивме во неговиот дом. Еднаш, Ксенија му најави дека следниот ден ќе оди на кафе со другарка после школо и потоа ќе дојде и ќе седи доцна до ноќтта со него. Но татко ми изгледа не ја слушнал дека прво ќе оди на кафе и веќе следниот ден кога виде дека Ксенија (која инаку му беше посебна слабост и неизмерно ја сакаше, како сите останати внуци), почна да се сомнева дека го излажала. Кога му кажав дека прво ќе оди на кафе и дека го најавила тоа, татко кажа: Не, не кажа така. И Ксенче лаже.
Ова е нешто што тој никогаш не би го кажал.
Вториот случај се однесува на Таки. Мој ученик кој постојано ми помагаше за се и сешто низ голготата околу болеста, а татко ми многу го сакаше. Особено што, додека беше болен, Таки  доаѓаше дома да го шиша. И еден ден токму кога требаше да го потстриже, на Таки му се расипа колата и не дојде. И тогаш тато рече: Еве го и Таки лаже, Не дојде, а кажа дека ќе дојде.
Третиот случај беше најтажен. Тоа беше две недели пред да почине. Посака да види личноста која премногу ја сакаше и која не ја извади од уста цело време додека беше болен. Ми кажа да и се јавам утре и да ја викнам да ја види. Се согласив, но следниот ден дознав дека таа отишла на одмор на еден далечен остров на север. Кога му го кажав тоа, ми рече дека сака да ја види барем на слика. Откако му кажав дека сликите со неа ми се на компјутер, му отворив на фејсбук на нејзиниот профил и на една свежа слика таа беше фотографирана како се забавува со пријатели во ноќен клуб. Ме погледна и ме праша: „А знае таа дека сум болен?“. Му одговорив дека знае, бидејќи „нели еднаш дојде да те види во болница“. На што татко ми саркастично одговори: „А кога беше оследен пат кај нас, рече дека веќе престанала да пие. И она лаже“.

9. Аманет

Тука веќе болниот почнува да дава насоки, задолженија и да остава аманети што да правиме после него. Мене ми кажа три работи:
1. Да си насадиш лукче, кромидче, пиперче и патлиџанче во бавча, да имаат децата во секое време да си скинат.
2. Да не дозволиш да се запусти куќата во село. Да имаме најубав двор и да се одржува целиот имот.
3. Немој да останеш сам. Смири се со ….. и сакајте се до крајот животот.

Веднаш се согласив, иако знаев дека третата желба тешко ќе му ја исполнам. За љубов се потребни двајца, а јас сум веќе изморен од лаги и празни ветувања. Но оставив отворена врата, само колку да се обидам да го исполнам аманетот….

9. Предавање на смртта

Последната фаза е престрашна да ја опишам што се се’ случува на физичко ниво. Крварење од сите страни, гноеви, неконтролиран измет, течности насекаде. Тешки мириси низ станот и ужасен очај, страв, бес, лутина кај сите блиски. Страдањето е се поголемо, а болниот се предава на болеста целосно и се бори да преживее од ден за ден, но не се надева воопшто дека тоа долго ќе трае. Тука ќе прекинам, бидејќи тоа што следува е премногу тешко и да се мисли на него, а камоли да се напише.

Цело време додека траеше борбата и страдањето би ја издвоил храбоста на татко ми, иако не го очекував тоа на почетокот. Татко се покажа како извонреден храбар и силен борец, многу посилен од сите нас кои постојано се тресевме над него.

И уште една работа која ја покажа неговата големина дури и во најтешките момненти на психофизичките промени што ги доживеа. Кога и да го прашавме како е, тој кажуваше дека е добар. Не сакаше да се нервираме за него.
Во една ситуација кога почна да губи здив, ги избркав Косара (ќерка ми) и Ирена (сестра ми) во соба, мислејќи дека доаѓа крајот. Го земав во прегратка, но за среќа за кратко време почна повторно да дише. По пет минути ги викна Косара и Ирена до него и им кажа: „Немојте воопшто да се плашите. Нема ништо да се случи, само еден вампир помалку“.

Најмили мои. Бидете среќни дека сте здрави. Бидете скромни и сакајте ги сите кои ја заслужиле вашата љубов. И не заборавајте. Здравиот има илјада желби, а болниот само една – да оздрави!