Љубов...

Во животот мој имав безброј авантури и само три вистински љубови.
Од првата добив три преубави дечиња.
Втората ми ја врати вербата во љубовта и ми остави грижа на совест што уште долго време ќе ме измачува.
Третата ми ја уништи вербата во љубовта и ми остави горчина во душата.
Првата и третата љубов јас ги прекинав, откако тие направија сè што можеа за да ме натераат да ги оставам.
Втората љубов ја прекина таа, откако јас направив сè што можев за да ја натерам да ме остави.

Но сега сакам нешто да пишам за втората — за еден вистински ангел што одеше по земјава и што беше подготвена и душата да ја даде на ѓаволот за мене. За една преубава девојка која јас никогаш не ја заслужив, а сепак, некако ни се вкрстија патиштата и срцата. За една душа најмила, која ниту еднаш не ме повреди — ниту со збор, ниту со дело, ниту со мисла.
Пред неколку недели, сосема случајно, ја сретнав во еден мол. Се симнуваше со ескалаторот кон приземјето, а ја забележав со крајчето на окото додека излегував низ вратата од трговскиот центар. Облечена целата во бело, ме забележа и се стаписа.
Го спушти погледот за миг, но брзо сфати дека средбата е неизбежна и дека сепак ќе мора да се соочиме. Тргна кон мене, додека погледите ни беа вперени еден во друг. Се доближи и, без збор, ме прегрна.
Само што сакав да изустам нешто, ме прекина:
— Те молам, не зборувај ништо. Знам сè. Знаеш дека секогаш сум те разбирала без да проговориш ниту еден збор.
Се гледавме така, молчешкум, неколку секунди, а потоа, за да ја прекинам тишината, изустив нешто сосема бесмислено.
Таа, повторно полна со чувства, прозборе:
— Те чекав со години и ќе те чекав засекогаш, сè додека случајно не налетав на тебе и не те видов како љубиш друга. Ќе те чекав и понатаму, да знаев дека е една од оние. Но забележав дека ја гледаш со очи полни љубов — дури и повеќе љубов отколку што некогаш имаше за мене. Ми требаа години по таа глетка за да почнам од почеток. Сега најдов човек што ме сака. Се надевам дека никогаш повеќе нема случајно да се сретнеме. Секоја средба со тебе е премногу болна…
Ја погледнав уште еднаш, со огромна почит, и се упатив кон излезот, по што тргнав кон автомобилот. Додека се движев, целосно ја сфатив нејзината порака за збогум. Таа многу добро знае дека, од моментот кога ќе биде со друг маж, ги закопува сите надежи — и кај мене и кај себе — за повторно оживување на љубовта.
Влегов во колата исполнет со некаква чудна среќа во душата. Не затоа што ја видов, туку затоа што нашла некој што, се надевам, ја заслужува многу повеќе отколку јас. А мене не ми беше потребна порака. Јас, уште многу одамна, во моментот кога сфатив дека не сум доволно добар за неа, ги закопав сите надежи за некаква иднина. Но таа е таква — сака секогаш да биде начисто, секогаш коректна и доречена.
Во нејзина чест — една кратка песна, како благодарност за сета љубов што ми ја дарила. За сите долги ноќи исполнети со страст и безброј споделувања на емоции, течности и енергии.
Последната песна посветена на неа…
——————————
Ангелот што не го заслужив
Ти ми дојде тивко, како зора меѓу зелени полиња,
со очи што ја препознаваа и гледаа сета тага на светот,
но сепак се смееше на секоја капка дожд,
како да во секоја гледаш благослов, а не солза.
Твоите раце мирисаа на добрина,
твоето срце — отворено како пролет што не бара ништо,
а, воедно, сè подарува.
Секоја твоја мисла беше милозвучен глас
што шепотеше „љубов“ дури и кога молчеше.
Јас, пак, груб од премногу денови зад себе,
со зборови што болат и печат,
со сомнежи што не умеат вистински да сакаат,
те гледав и не разбирав
дека пред мене стои ангел што оди по земјата.
Ти — голема уметничка душа,
сликаше со светлина,
со раскошни бои, родени во длабочината на твоето постоење,
ги обојуваше и моите темнини,
а јас не научив да те чувам.
Кога си замина,
небото не ми се затемни —
само потона и се повлече подлабоко,
како да се срами што ти верував премалку,
а сепак повеќе отколку што верував во сопствената сенка.
Сега, кога ќе го слушнам твоето име,
како да зјапам во старо писмо,
го чувствувам мирисот на она што било вистинско,
и знам — некои ангели не си заминуваат,
само се враќаат дома,
далеку од оние што не умееле
да ги сакаат чистите срца,
како твоето.
— Игор Довезенски, 15 октомври 2025