За Хармонијата

Долго време го барав одговорот за едноставното, а истовремено и најтешкото прашање: Како да се живее во секојдневна хармонија. Не како да се преживее, ниту како да се успее, туку како да се живее со мир и спокој во градите и чистота во мислите. Одговорот не го најдов во современите текстови на големите психолози, мислители и писатели, туку во старите будистички текстови – пожолтени од времето.

Таму, меѓу редовите, сфатив дека хармоничниот живот не е спектакл, туку дисциплина. Не е состојба, туку секојдневна одлука.

Ако нешто ми се допаѓа, го кажувам. Ако не ми се допаѓа, исто така. Во тоа нема суровост, туку искреност. Будистичките учења не нè повикуваат да молчиме, туку да зборуваме чисто, без вишок страв и без желба да повредиме. Молчеливата неискреност е еден од најголемите извори на внатрешен немир.

Научив дека кога некој ми недостасува, треба да го побарам. Не во мислите, не во сеќавањата, туку во реалноста. Зашто умот сака да создава приказни, но животот бара дејство. Истото важи и за неразбирањето. Прашувам веднаш, бидејќи прашањето е чин на храброст, не на слабост.

Од старите текстови ја научив и тешката лекција дека секој човек живее во сопствена вистина. Тие вистини ретко се совпаѓаат. Оттука, расправиите се бесмислени, а трпението е неопходно. Хармонијата не се постигнува со победа над другиот, туку со прифаќање дека другиот не е јас.

Љубовта, пак, не е само чувство, туку и ориентација. Кога љубовта е во средиштето, сè друго станува споредно. И најважно од се е да се разбере дека љубовта е најважната работа во животот – сè друго се детали.

Будизмот ме научи дека не му должам ништо на светот, ниту светот ми должи мене. Тоа сознание не ме направи рамнодушен, туку слободен. Од таа слобода произлегува одговорноста да се потпирам на себе, да им верувам на сетилата и да ја почитувам природата како најстариот учител.

Сè што е вистински важно се случува денес. Вчера е приказна, утре е претпоставка. Денешниот ден е единственото место каде што животот навистина се случува. Затоа, ако денес живеам свесно, денес е најдобриот ден за мене.

Хармоничниот живот, како што го разбирам по долгото дружење со старите будистички текстови, не е бегство од светот, туку тивко присуство во него. Со отворени очи. Со мирна мисла. И со храброст да се биде искрен пред себе, пред другите и пред минливоста на сè што постои на овој свет.

– Игор Довезенски