Еј, фатаморгана. Тоа е нашиот традиционален доџо поздрав доколку некој не се појави подолго време на тренинг.
Убаво е кога луѓето ќе се вратат повторно во доџо. Кога ќе почуствуваат дека нешто им недостасува во животот. Дека тоа нешто го има во нашето доџо. Дека воздухот што таму го дишат е пријатен. Дека секогаш има место за нив во таа испотена просторија. Дека тука се искрено сакани.
Вчера имавме две фатаморгани. Едната, таканаречена Горјан, еве јавно го прогласувам за доживотно почесен член.
Зошто? Од многу причини. Но најважната е што, иако секогаш знае ненајавено да замине, тој секогаш мудро вратата си ја остава подотворена. На тој начин знае дека може да се врати кога и да посака. И навистина, сите наши досегашни членови, а ги имало над илјада, кои некогаш биле дел од нашето семејство, си заминале по своите патишта, но секогаш ќе бидат добредојдени. Нашата врата е секогаш отворена за нив.
Со исклучок на неколку. Тоа се тие кои вратата ја треснале силно и ја исплукале потоа. Тоа се тие кои доаѓале на два тренинга месечно и кои секоја критика ја примале со гнев и замерка наместо со љубов. Тоа се тие што за својата слабост обвиниле некој друг. Користејќи ја секоја прилика, тие со лаги и омраза силно ја заковале вратата на нашето доџо, така што ништо повеќе не може да ја отвори.
Кога ќе се видам со некој поранешен член на нашиот клуб низ градот се чуствувам убаво. Ја стегам неговата рака цврсто, прашувам како живее, дали му е добро. Се уште го чуствувам како свој ученик. Без разлика зошто заминал. Тој секогаш ќе може да се врати назад. Само затоа што ја оставил вратата подотворена.
Учете од Горјан како да не ја трескате вратата која ви отворила нов видик во животот. Девеесет и девет пати замина, стопати се врати. И пак исто. Уште на првиот час бамбори постојано. Дофрла и се смее, а јас го „мавам“ и критикувам. Но тој знае кога треба да закочи.
За крај разговорот со него во соблекувална.
-Сенсеи, знаете дека почнав да свирам и на гитара?
-Мали, тебе уште само тоа ти требаше. Се друго во животот проба и „научи“.
-Епа заглавив со едни хипици и ме заразија да свирам.
Ако Горјан. Пробај, види, обиди се. И пак ќе се вратиш назад. Го чуваме твоето место. Нас ни требаат и такви како тебе.
Псссссссссссст. Имам визија. Шетам низ плоштад и гледам 200 луѓе собрани и ракоплескаат. Се доближувам и го гледам Горјан качен на моноцикл со седиште три метра во висина како жонглира со девет чунови.
-Еј сенсеи, уште ова да пробам. Налетав на едни жонглери и …
-Мали, ај не бамбори многу. Пробај уште ова и те чекам на тренинг во среда.